ВИДЕОНАДЗОРОТ НА КЛИНИКАТА ЗА ХЕМАТОЛОГИЈА ПОСТОИ НАД 20 ГОДИНИ Служи за заштита на пациентите, вработените и на медицинската опрема
Клиниката за хематологија испрати демант на текстот дека на клиниката со видеонадзор со снимаат и пацинетите, кој го пренесуваме во целост.
„Во интерес на точно и одговорно информирање на јавноста, ја демантираме објавената содржина во која се изнесуваат непроверени и тенденциозни наводи поврзани со видеонадзорот на ЈЗУ УК за Хематологија. Видео надзорот на Клиниката постои по ист принцип и во иста форма повеќе од 20 години и истиот се ревитализира исклучиво од безбедносни причини, за заштита на пациентите, вработените и на медицинската опрема. Постапките се спроведени согласно важечките законски прописи и стандардите за заштита на личните податоци. ЈЗУ УК за Хематологија апелира на проверка на информациите пред нивно објавување, што, жалиме, не е сторено во овој случај. Ова е особено важно кога станува збор за теми кои директно влијаат врз довербата на пациентите и угледот на здравствените институции. Во конкретниот случај, никогаш не се утврдени прекршувања во однос на поставеноста и функционирањето на видео надзорот. Очекуваме од вашиот медиум професионален пристап, проверка на фактите и избегнување на шпекулации кои создаваат непотребна вознемиреност кај јавноста и пациентите“, се вели во демантот.