„ИМАМЕ ЗАЛИХИ ЗА ТРИ МЕСЕЦИ“ Франција е спремна за евентуална епидемија од хантавирус

Француските власти соопштија дека земјата располага со доволно заштитни маски за најмалку три месеци во случај на епидемија, објави „Ле Фигаро“, пренесе „Анадолу“. Владата уверува дека ситуацијата е под контрола и дека досега е потврден само еден случај на хантавирус.

0

Француската влада објави дека стратешките резерви со маски ги надминуваат целите поставени по пандемијата на ковид-19 и дека земјата е подготвена за евентуален епидемиски бран со хантавирусот.

Од канцеларијата на премиерот Себастијан Лекорну посочиле дека дополнителни резерви имаат и болниците, компаниите и локалните власти, што би овозможило заштитата да трае и подолго.

Властите нагласуваат дека Франција има домашен производствен капацитет од 2,6 до 3,5 милијарди маски годишно. Тој број, според нив, би бил доволен и за сценарио слично на пандемијата со ковид-19.

Досега е регистриран еден случај на вирусот во земјата, тоа е патничка од крузерот MV Hondius која е во изолација во болница во Париз.

Хантавирусот е ретка болест што најчесто се пренесува преку заразени глодари или нивниот измет, а Светската здравствена организација предупредува дека кај одредени соеви смртноста може да достигне и до 50 проценти.

Француските власти сепак тврдат дека вирусот е значително помалку заразен од ковид-19 и дека засега нема регистрирано ширење на инфекцијата во земјата.

Поврзани содржини