ПО ЦЕЛА ДЕЦЕНИЈА ЗАСТОЈ, МРДНАА ПРЕГОВОРИТЕ НА КИПАР Грците и Турците се договорија за отворање гранични премини и соработка во одбраната

Едно од клучните прашања кои ги попречуваат разговорите е несогласувањето околу идната улога на Турција. Кипарските Грци се против директното учество на Анкара, додека кипарските Турци го сметаат тоа за неопходно.

0

Лидерите на кипарските Грци и на кипарските Турци се согласија за отворање два нови гранични премини, координација на активностите во вонредни ситуации и размена на архивски материјал, како дел од напорите предводени од Обединетите нации за оживување на мировните преговори кои се заглавени речиси една деценија, објавува Ројтерс.

Ова ќе го зголеми бројот на отворени премини на поделениот медитерански остров на единаесет. Лидерот на кипарските Грци Никос Христодулидес и лидерот на кипарските Турци Туфан Ерхурман се сретнаа со специјалната претставничка на Обединетите нации Марија Ангела Холгин. Нивниот состанок во тампон-зоната под надзор на ОН траел околу четири часа.






Кипар е фактички поделен од 1974 година, кога Турција започна воена интервенција на северот на островот, по државниот удар на 15 јули, изведен од кипарската Национална гарда под раководство на грчки офицери и со поддршка на тогашната воена хунта во Атина. Интервенцијата доведе до воспоставување турска контрола врз северниот дел на островот.

Уставниот поредок на заедничко управување меѓу кипарските Грци и кипарските Турци почна да се распаѓа во 1963 година, по серијата политички и уставни кризи и избувнувањето на меѓуетничко насилство. Во март 1964 година, ОН формираа мировна мисија за спречување на нови судири. По воените настани во 1974 година, нејзиниот мандат беше проширен и таа ја надгледува тампон-зоната, позната како Зелена линија, која се протега околу 180 километри низ островот. Станува збор за една од најдолготрајните мировни операции на Обединетите нации.

Од ова лето двете страни не беа во можност да постигнат договор за основните услови за водењето на разговорите. Тогаш на островот се сретнаа со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш. Сепак, во соопштение за медиумите, ОН го оцени состанокот како позитивен и објави дека двајцата лидери ќе се сретнат повторно во наредните недели. Гутереш ќе биде присутен и на тој состанок.

Едно од клучните прашања кои ги попречуваат разговорите е несогласувањето околу идната улога на Турција. Кипарските Грци се против директното учество на Анкара, додека кипарските Турци го сметаат тоа за неопходно. Во соопштението на ОН се наведува и дека лидерите разговарале за можноста за отворање дополнителни премини.

– Ние ги продолжуваме овие напори со најголема сериозност и имаме само една цел: обновување на преговорите пред крајот на мандатот на генералниот секретар – изјави Христодулидес пред новинарите по состанокот. Мандатот истекува на крајот од годината.

Поврзани содржини