МИНИСТРИТЕ ФЕТАИ И ЛИМАНИ СЕ САМОЕЛИМИНИРАА ОД ВЛАДАТА Вреди сега е единствена партија застапена од Липково до Струга

Копретседател на Вреди, Изет Меџити вели дека главните цели на партијата се фискална децентрализација, поголем простор за прекугранична соработка и посилна улога на општините во средното и во основното образование.

0

Гласачите бараа да нè видат како една партија и голем чекор е од петмина лидери партијата да има двајца копретседатели, вели Изет Меџити, копретседател на Вреди и градоначалник на Чаир.

Вреди сега е единствена републичка партија од Липково до Струга, ДУИ има само 3 општини, АА само 2 општини, рече тој и додаде дека многу луѓе им се приклучуваат.

Меџити посочи дека тој не треба да објаснува зошто Арбен Фетаи и Фатмир Лимани, министри во Владата, заминуваат од Вреди. Рече дека тие ќе бидат реконструирани наскоро, а смените во Владата ќе бидат на крајот на мај или почетокот на јуни.

– Тие се самоелиминираа од Вреди – рече Меџити во интервју за телма.

Кажа и дека не знае зошто Фетаи, иако е министер во Владата, не доаѓа на работа.

Во врска со ДУИ рече дека Вреди не цели звучни имиња од опозициската партија да дојдат кај нив, туку да привлечат експерти.

Прашан за европската интеграција на Македонија, Меџити рече дека ние не стоиме лошо во однос на реформите и дека премиерот Христијан Мицкоски е европски настроен, ги сака европските вредности и оти „сите треба да помогнеме да се најде решение“ на главната пречка. Според него, за решавање на ова прашање се потребни 80 пратеници, а тие имаат само 11, но исто така треба да се вклучат и ЕУ, САД, медијатори…

Главните цели на Вреди се фискална децентрализација, поголем простор за прекугранична соработка и посилна улога на општините во средното и во основното образование.

Тоа што општините должат пари, според Меџити, не значи дека не треба да се работи на фискална децентрализација. Како пример ја посочи Општина Охрид која била една од најзадолжените општини, а сега тоа го има надминато, а Гостивар е задолжена од други причини и треба да се праша зошто е тоа така.

За фискалната децентрализација, Вреди предлага таа биде за сите 80 општини. Меџити признава дека има политички мотиви и дека сакаат зајакнување на децентрализацијата која е дел од Рамковниопт договор. Но, додава, тоа е барање и на ЗЕЛС.

Според него, во земјата треба да има 50-60 општини по бројот на жители и територијата.

Меџити вели дека граѓаните ги почуствувале ефектите од проектите од унгарскиот кредит, а за тие проекти се правела двојна проверка и во општините и во владата.

Коментирајќи ја одлуката на Обвинителството за гонење организиран криминал за прекинување на истрагата за мазутот за ТЕЦ Неготино, Меџити рече дека ова покажува и докажува дека треба длабока реформа во судството и во обвинителството.

– На крај уште ќе треба и да им се извиниме – рече тој.

Во врска со Законот за игри на среќа, рече дека тој бил еден од столбовите на Вреди и оти сега со новиот закон казината ќе треба да бидат 500 метри подалеку од училиштата, а во Чаир, според него, можеби нема да има ниту едно. Исто така, додаде тој, ќе има построги правила за рекламирање, но треба да се има предвид дека во оваа индустрија има и вработени.

– Нашите градови веќе нема да личат на Лас Вегас – рече Меџити.

За законот за правична застапеност рече дека е при крај, дека тој бил во Венецијанска комисија и сега е вратен до Владата, а неговото носење е „прашање на денови“.

Поврзани содржини