ЃОРЃИЕВСКИ • НАЈДОБАР ПРВ КВАРТАЛ ВО ИСТОРИЈАТА НА СКОПЈЕ! Убедливо најдобра реализација на капитални инвестиции!

Само во април биле реализирани капитални инвестиции во вредност од 464,45 милиони денари, што е највисока априлска реализација во историјата на градот – соопшти градската администрација.

71

Град Скопје го бележи најдобриот прв квартал во својата историја според реализацијата на капиталните инвестиции, соопшти градската администрација, посочувајќи дека за првпат е постигната рекордна реализација уште во првите месеци од годината.

Според податоците од Градот, во Основниот буџет за 2026 година биле планирани капитални инвестиции во износ од 1,85 милијарди денари, што претставува зголемување од 32,4 проценти во однос на претходната година. Во првиот квартал биле реализирани 335,75 милиони денари, односно 18,12 проценти од вкупно планираните капитални инвестиции, што претставува најдобар резултат досега за овој период од годината.

Од Град Скопје истакнуваат дека позитивниот тренд продолжува и во вториот квартал. Само во април биле реализирани капитални инвестиции во вредност од 464,45 милиони денари, што е највисока априлска реализација во историјата на градот. Заклучно со 8 мај 2026 година, реализацијата надминала 480 милиони денари, односно веќе се реализирани 26 проценти од планираните капитални инвестиции за целата година.

Во соопштението се наведува дека резултатите се постигнати и покрај, како што велат, наследените долгови, нефункционалните системи и тешката финансиска состојба во јавните претпријатија. Градската администрација оценува дека со дисциплинирано и одговорно работење започнала стабилизација на системот и враќање на редот во функционирањето на институциите и јавните служби.

Паралелно со капиталните инвестиции, обезбедени биле средства и за исплата на наследени субвенции за велосипеди, азбестни кровови, инвертер-клими, чистење оџаци, средношколски стипендии и други мерки за граѓаните.

Дополнително, за јавните претпријатија биле обезбедени повеќе од 467,9 милиони денари субвенции за „Паркови и зеленило”, „Комунална хигиена”, „Дрисла”, „Лајка”, „Улици и патишта” и ЈСП, со цел стабилизација на нивното работење и подобрување на јавните услуги.

Од Градот информираат и дека во изминатите 4,5 месеци обврските на јавните претпријатија биле намалени за околу 38,5 милиони евра, при што најголемо намалување е регистрирано во ЈП „Водовод и канализација”. Воедно, обврските на Град Скопје биле намалени за околу 11,6 милиони евра, а исплатени биле и долгови по основ на експропријација, тужби и преземени обврски.

Од градската администрација порачуваат дека ова е само почеток на процесот на стабилизација и развој на Скопје, со најави за продолжување на инвестициските активности и реализација на нови проекти во интерес на граѓаните.

Во објава на Фејсбук градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски ги поздрави ваквите резултати во работењето на градската администрација.

„Кога се работи со љубов, почитувани мои скопјани, со посветеност и јасна визија, резултатите не можат да изостанат. И покрај затекнатиот хаос, наследените долгови, нефункционалните системи, парализираните јавни претпријатија и град кој со години беше оставен без вистинско водство, успеавме за краток период да го исправиме Скопје на нозе

Денес, со гордост можам да кажам дека Град Скопје го бележи најдобриот прв квартал во својата историја, со највисока реализација на капитални инвестиции досега“ – напиша Ѓорѓиевски.

Градоначалникот вели дека веќе може да најави дека и реализацијата на капиталните инвестиции во вториот квартал ќе биде рекордна.

„Наследивме долгови, проблеми и нефункционалност. Но не баравме изговори. Работевме и решававме. Стабилизиравме. Инвестиравме. И денес, Скопје бележи историски резултат.

Ова е само почеток, почитувани! Продолжуваме со уште посилно темпо, со уште повеќе работа за Скопје да стане функционален, уреден, модерен и достоинствен град, каков што заслужуваат сите негови граѓани“ – напиша градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на својот профил на Фејсбук.

Поврзани содржини