ПУТИН ГО ВРАЌА ШРЕДЕР НА ГОЛЕМА ВРАТА? Германија поделена околу идејата поранешниот канцелар да посредува за Украина

Името на Шредер во Германија предизвикува длабоки поделби поради неговите блиски односи со Кремљ и со Путин. По заминувањето од канцеларската функција, Шредер прифати високи позиции во руски енергетски компании поврзани со „Гаспром“ и „Роснефт“, што по руската инвазија врз Украина предизвика жестоки критики во германската јавност.

232

Изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека би сакал поранешниот германски канцелар Герхард Шредер да биде посредник во евентуални мировни преговори за Украина предизвика бурни реакции во Германија. Додека германската влада настапува со видлива резерва, дел од политичарите од Социјалдемократската партија (СПД) сметаат дека предлогот не треба однапред да се отфрли.

Путин на прес-конференција изјави дека, иако САД се обидувале да посредуваат, тој на европската страна би сакал да разговара токму со Шредер. Рускиот лидер нагласи дека од сите европски политичари, поранешниот германски канцелар е личноста со која би имал најголема доверба за директни разговори.

Скепса на официјален Берлин, оптимизам во СПД

Официјален Берлин реагираше внимателно и со доза на скепса. Владини извори порачаа дека Германија и Европа нема да дозволат да бидат поделени со вакви иницијативи и дека првиот тест за сериозноста на Москва би бил продолжување на прекинот на огнот во Украина.

Сепак, во самата СПД се слушнаа поинакви тонови. Адис Ахметовиќ, портпарол за надворешна политика на партијата, изјави за „Дер Шпигел“ дека секоја понуда треба сериозно да се анализира за да се утврди колку е веродостојна.

– Нашата цел мора да биде Европа да има место на преговарачката маса. Ако услов за тоа е вклучување на поранешниот германски канцелар, тогаш таа можност не треба веднаш да се исклучи – изјави Ахметовиќ, додавајќи дека евентуалниот ангажман на Шредер мора да биде координиран со европските партнери.

Сличен став изнесе и Ралф Штегнер, уште еден влијателен експерт за надворешна политика од СПД. Според него, Европа досега била маргинализирана во мировните иницијативи околу Украина и практично немала простор да предлага сопствени решенија.

– Ако преку некој како Шредер Европа може да добие улога во процесот, би било неодговорно тоа веднаш да се отфрли – смета Штегнер.

Зошто Путин го избра токму Шредер?

Но, токму тука лежи и најголемата контроверза. Името на Шредер во Германија одамна предизвикува длабоки поделби поради неговите блиски односи со Кремљ и со Путин. По заминувањето од канцеларската функција, Шредер прифати високи позиции во руски енергетски компании поврзани со „Гаспром“ и „Роснефт“, што по руската инвазија врз Украина предизвика жестоки критики во германската јавност.

Герхард Шредер беше германски канцелар од 1998 до 2005 година и важи за еден од највлијателните лидери на СПД во поновата германска историја. За време на неговиот мандат беа спроведени големи економски реформи, но истовремено тој изгради и блиски односи со Русија, особено во енергетскиот сектор. Неговото пријателство со Путин со години беше предмет на политички и медиумски дебати во Германија.

Во дел од германските медиуми веќе се отвори прашањето дали Путин со овој потег се обидува повторно да внесе поделби меѓу европските сојузници и да ја искористи фигурата на Шредер како канал за влијание врз германската политика. Критичарите предупредуваат дека Москва со години се обидува да ја користи зависноста од енергенси и старите политички врски како средство за притисок врз Европа.

Европа загрижена

Од друга страна, поддржувачите на идејата велат дека во вакви моменти токму луѓе со лични контакти и доверба кај двете страни можат да одиграат клучна улога. Тие потсетуваат дека многу мировни процеси во историјата започнувале преку неформални посредници кои првично биле дочекувани со сомнеж.

Засега нема индиции дека германската влада сериозно размислува да му довери каква било официјална улога на Шредер. Но, самата дебата покажува колку Европа е загрижена дека може да остане настрана од идните договори за Украина – особено ако Вашингтон и Москва повторно почнат директни разговори без европско присуство.

 

Поврзани содржини