ВРЕДИ СЕ ОБЕДИНИ ВО ПАРТИЈА ОД ДЕСНИОТ ЦЕНТАР Нуди помирна, посериозна и поинституционална култура, одговорна кон граѓанинот
Зад нас е долго и тешко поглавје, со институции оптоварени со скандали, со канцеларии каде што се играше фудбал и со наместени политички случаи, каде што правдата се користеше како оружје за пресметка и замолчување на противникот. Таквото поглавје бараше крај, секој таков крај бара храброст и затоа дојде овој сојуз, рече копретседателот на Вреди, Изет Меџити.
Коалицијата Вреди вечерва на Конгрес во Скопје во присуство на 850 делегати се обедини во еден политички субјект.
Копретседателот на партијата Вреди и градоначалник на Чаир Изет Меџити во своето обраќање рече дека има моменти во историјата кога политиката престанува да биде натпревар и се претвора во неопходност.
Според него, ова се моменти кога времето бара не само промени, туку и единство.
Истакна дека се собрале заедно различни сили, со различни истории и искуства кои честопати оделе во спротивни насоки.
– Сепак, во тој момент, иако разликите не исчезнаа, тие сили се здружија околу поголема цел: да се стави крај на долгата ера на стагнација и да се отвори ново поглавје за Албанците во Северна Македонија. Ова не беше лесен сојуз, но беше неопходен сојуз. Бидејќи зад нас беше долго и тешко поглавје, со институции оптоварени со скандали, со канцеларии каде што се играше фудбал и со наместени политички случаи, каде што правдата се користеше како оружје за пресметка и замолчување на противникот. Таквото поглавје бараше крај. А секој таков крај бара храброст. Затоа дојде овој сојуз – рече Меџити.
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, во својот говор нагласи дека обединувањето на овој ентитет пренесува јасна порака за единство и за евроатлантска ориентација.
Потсетувајќи се на протестите пред 10 години во Скопје Сали рече дека денеска, на Денот на Европа, ова обединување ја докажува насоката на Вреди.
– Можеме да имаме алтернативи за сè, но европската интеграција е ориентација без алтернативи. Ова е патување кое се гради со кредибилни институции и со секојдневна одговорност кон граѓаните – рече Сали.
Тој нагласи дека Вреди се гради како сериозна политичка структура, со теренска организација, младински и женски форуми, како и со вклучување на професионалци, со цел да биде блиску до граѓаните насекаде. Сали стави посебен акцент на младите луѓе и на жените, нагласувајќи ја потребата од создавање можности за нив да ја градат иднината на земјата, како и важноста од зајакнување на општините преку децентрализација.
Копретседателот на Вреди и градоначалник на Тетовом Билал Касами, рече дека Вреди не е само сојуз на партии, туку друга култура на креирање политики.
– Вреди треба да стане уште една албанска политичка култура. Помирна, посериозна, поинституционална и поодговорна кон граѓанинот. Не ни е потребна политика што живее од кавги. На Албанците им е потребна политика што гради, планира и размислува надвор од мандатот. Затоа, важно е да кажеме и што претставуваме. Ние сме партија од десниот центар. И не го кажуваме ова како нешто што звучи добро на хартија. Го кажуваме затоа што веруваме во некои многу јасни вредности – рече тој.
Според него, вредностите на Вреди се чесност и работа.
– Веруваме во семејството како прво место каде што човекот учи доверба, одговорност и љубов кон другите. Веруваме во чесна работа, во личноста која станува рано за да го издржува своето семејство, во претприемачот кој презема ризици, создава и не очекува сè од државата. Веруваме во нашиот идентитет, во јазикот, во културата, во верата и во оние духовни вредности кои нè држеле заедно дури и во времиња кога имавме малку можности, но многу достоинство. Но, веруваме и во модерна држава. Во институции кои функционираат. Во професионална администрација. Во правда која е еднаква за сите, а не мајка за еден, а маќеа за друг – рече Касами.
На конгресот присуствуваше и македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

Косовскиот премиер Албин Курти кој беше гостин на Конгресот во своето обраќање кажа дека овој Конгрес има единствена симболика токму затоа што се одржува на 9 мај, на Денот на Европа.
– Тоа е потсетник дека модерна Европа е изградена врз урнатините на фашизмот, супремацијата и војните. ЕУ е родена како проект на мир преку антифашизам и просперитет преку демократија. Ова е од особено значење за Балканот – рече тој.
Потпретседателот на Демократската партија на Албанија, Лучијано Бочи го опиша обединувањето на оваа коалиција во партија како момент од посебно политичко значење за Албанците во регионот.
Градоначалничката на општина Прешево, Ардита Синани, испрати порака за поддршка на првиот Конгрес на политичката партија Вреди, нагласувајќи ја важноста на политичкото обединување на Албанците во Македонија.
Во работниот дел од конгресот ќе бидат усвоени 5 резолуции, меѓу кои резолуција за жените со која се бара 40 проценти застапеност на жените во процесите на донесување одлуки во новиот политички субјект, резолуција за млади и резолуција за децентрализација.