ЖИЧНИЦАТА Е ВО КАТАСТРОФАЛНА СОСТОЈБА, ДОСЕГА НЕ БИЛА СЕРВИСИРАНА Ѓорѓиевски очекува понуда, цена и временски рок за поправката

Жичницата ќе биде затворена до оној момент додека не биде целосно санирана за да може граѓаните безбедно да ја користат, вели градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

299

Јавното сообраќајно претпријатие и Градот ја очекуваат понудата за сервисирање и дефектажа на Жичницата Милениумски крст на Водно, рече денеска градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Засега не е познато за колку време ќе се направат поправките и кога повторно би била ставена во функција.

– Нема ништо повредно во Скопје и во Македонија од човечкиот живот, а состојбата во која се наоѓаме во моментов се однесува на неодговорното однесување на моите претходници. Имавме контрола од страна на компанијата Допелмаер, која што е и изведувач на жичницата, за првпат откако е поставена во Скопје и е констатирано дека е во катастрофално лоша состојба. Има многу недостатоци кои треба да бидат сервисирани во наредниот период. Во соработка со директорот на ЈСП, Саше Илиески веќе побаравме понуда да видиме колку ќе го чини јавното претпријатие и Градот сето она што би значело целосна поправка и враќање на жичницата во состојба во која што секој граѓанин ќе биде сигурен кога ќе ја користи – рече градоначалникот Ѓорѓиевски.

Не ни треба трагедија после која што ќе треба да се освестуваме одново и да делуваме, додаде тој.

– Ни требаат акции веднаш и сега во којшто во преден план ќе бидат секогаш граѓаните – рече градоначалникот.

Жичницата ќе биде затворена до оној момент додека не биде целосно санирана за да може граѓаните безбедно да ја користат.

– Јас немам точна информација, имаме побарано и финансиска пресметка од компанијата Допелмаер, но ќе треба и план на активностите да ни достават. Веднаш штом ги добиеме понудата, цената и временскиот рок за колку би се сработило, веднаш ќе ја информираме јавноста – рече градоначалникот на Скопје.

Во однос на изградбата на жичницата до Детската клиника за белодробни болести Ѓорѓиевски вел дека се во комуникација со Министерството за транспорт и со претседателот на Владата и дека има апсолутна поддршка и верува дека во ребалансот на Буџетот ќе влезе и втората фаза од изградбата од Козле до Средно Водно.

Поврзани содржини