ФИЛИПЧЕ ГО ОДБИ ПОВИКОТ ЗА ОБЕДИНУВАЊЕ ОД МИЦКОСКИ И БАРА ВЕДНАШ УСТАВНИ ИЗМЕНИ Спремен е да ја распродаде државата, реагира ВМРО-ДПМНЕ
СДСМ и Венко Филипче не поставуваат услови, не бараат гаранции уставните измени да бидат последна пречка за евроинтегративниот пат на државата, туку отворено ѝ се додворуваат на Бугарија, реагира ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека Филипче исполнува агенди на други држави во замена за власт во Македонија.
Наместо да застане покрај Владата во одбрана на националните интереси, Венко Филипче сака да го надмине Зоран Заев во предавствата, па отворено вели дека уставните измени се прва работа што би ја направил на власт, реагира ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на Филипче, кој го одби повикот за обединување за подобра Македонија што денеска го упати премиерот Христијан Мицкоски.
„Филипче, по стапките на неговиот ментор Заев, за власт е спремен сè државно да распродаде. Само што Филипче сака да го надмине својот учител и ментор Заев, кој пред да дојде на власт лажеше дека нема да го смени името, па затоа уште сега ветува дека прва работа што би ја направил на власт би биле уставните измени. Ова покажува само дека Филипче и СДСМ немаат црвени линии и за да се догребат на власт се спремни на нови национални предавства“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ и Филипче не поставуваат услови, не бараат гаранции уставните измени да бидат последна пречка за евроинтегративниот пат на државата, туку отворено ѝ се додворуваат на Бугарија, додава партијата, посочувајќи дека Филипче исполнува агенди на други држави во замена за власт во Македонија.
„Историјата покажа дека СДСМ никогаш не се грижеле за државните и за националните интереси, за нив единствениот интерес беше освојување и останување на власт, така прифаќаа сè што им се сервираше од страна како Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија, Францускиот предлог. Додека Филипче зборува за Европска Унија, под тоа подразбира само отстапки и национални предавства, затоа што токму пратениците на СДСМ се тие коишто ги кочат законите од Реформската агенда. Филипче оди и чекор понатаму, од опозиција измислува лаги и ги кодоши државата и премиерот за да се додвори на новата бугарска власт, наместо да застане покрај македонската Влада во одбрана на идентитетот и националните интереси“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Ова покажува дека на СДСМ и на Венко Филипче ништо не им значат македонскиот идентитет, националните интереси и македонската државност.
„Народот тоа не го прифаќа, народот е против предавството и распродавањето на националните и државни интереси, затоа СДСМ со Филипче е на биолошки минимум со одвај 130.000 гласа“, потенцира ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска во изјава по повод 9 Мај, Денот на Европа упати критки до власта дека ја држи државата изолирана од Европа.
– На ваков настан на Денот на Европа, Христијан Мицкоски треба да биде персона нон грата. Можевме да имаме многу повеќе причини да славиме, еве, на пример, како Црна Гора, која што води напред, која што ги затвора поглавијата, преговорите и која што догодина ќе стане членка на ЕУ – рече Филипче.
Прашан за повикот на премиерот Мицкоски за обединување го повтори ставот дека „треба да се направат уставните измени“.
– Сè што кажува премиерот е само изговор. Се знае што треба да се направи за да се почне со преговорите. Треба да се направат уставните измени. Што е за него обединувањето? Да му дадеме поддршка да не ги прави? За да може да продолжат да крадат? Не, тоа нема да се случи. Затоа што ќе се случи Европа кога ние ќе дојдеме на власт по следните избори и сите ќе одговараат – рече Филипче.
НЕМА ПАЗАР СО ИДЕНТИТЕТОТ, ЧЕСТА НЕМА ЦЕНА Мицкоски повика на обединување за подобра Македонија