СО ОКТА, АКО ТРЕБА, ЌЕ СЕ ДОГОВАРА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ПОПУСТОТ ЗА ГОРИВА Божиновска прифаќа промена на тарифните блокови за струјата, ако граѓаните добијат пониски сметки

Министерката за енергетика нагласи дека земјава е трета според мерките кои ги презема за цените на нафтените деривати и потенцира дека имаме најниски цени во регионот.

35

Министерката за енергетика Сања Божиновска најавува дека, ако е потребно, повторно ќе се разговара со „Окта“ за продолжување на попустот за дизел горивото од 4 денари за литар и за бензините од 2 денара и по 18 мај кога истекува сегашниот договор. Тоа, како што вели, ќе зависи од случувањата со цените на нафтените деривати на берзите и од војната на Блискиот Исток.

-Следиме се што се случува. Нашите мерки моментално се до 18 мај, што значи дека следната недела ќе видиме што ќе се случува со цените на берзата и со војната. Неколку дена пред истекот на овој рок ќе видиме до каде сме со цените и ако е потребно повторно ќе преговараме со ОКТА за продолжување на попустот. Правиме се што е во интерес на нашите граѓани – рече Божиновска.

Таа нагласи дека земјава е трета според мерките кои ги презема за цените на нафтените деривати и потенцира дека имаме најниски цени во регионот.

Како што посочи ниту една компанија која правела реекспорт на нафтени деривати од земјава се нема обратено во Министерството за енергетика.

-Државниот пазарен испекторат и Царинската управа веќе проверуваат дали е правен реекспорт на деривати- рече Божиновска.

Во одговор на прашање порача дека е за преоценување на тарифните блокови во сметките за потрошена електрична енергија на корисниците на регулираниот пазар доколку тоа е во интерес на граѓаните и значи намалување на крајната сметка што ја плаќаат.

-Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика вчера тоа го најави, а јас го поздравувам ако е за доброто на граѓаните и ако се намалат нивните сметки. Би сакале и ние да ги видиме пресметките, меѓутоа тоа е нивна дејност, а ние само би можеле да кажеме дека сме „за“ во случај крајната цел да е намалување на сметките на граѓаните- потенцира министерката Божиновска.

Поврзани содржини