КИНЕСКИ ТАНКЕР НАПАДНАТ ВО БЛИЗИНА НА ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ На палубата избувнал пожар
Нападот врз кинескиот танкер се случил во понеделникот, а кинеското МНР денеска го потврди.
Танкер за нафта во кинеска сопственост е нападнат во понеделникот во близина на Ормускиот Теснец, што е прв регистриран напад врз кинески брод откако почна војната на САД и Израел со Иран на февруари, објавија кинеските медиуми.
Кинеското министерство за надворешни работи денеска го потврди нападот и изрази длабока загриженост.
– На бродот има кинески државјани, но досега нема извештаи за жртви меѓу екипажот – соопшти министерството.
Според извори од поморската безбедност, се верува дека оштетениот брод е танкерот за хемикалии и нафта JV Innovation, кој плови под знамето на Маршалските Острови. Инцидентот се случил во Персискиот Залив, покрај брегот на Обединетите Арапски Емирати, во близина на пристаништето Мина Сакр. Според извештаите на медиумите, на палубата на бродот избувнал пожар. Палубата била означена со натпис дека сопственикот на бродот и екипажот се кинески.
Клучниот воден пат кој носи една петтина од светските резерви на нафта и гас е речиси во целосен застој повеќе од 2 месеци, поради блокадата од Иран. Досега поминаа мал број пловила.