ГЕРМАНСКИТЕ КОМПАНИИ СЕ ПАРТНЕРИ ВО ТРАНСФОРМАЦИЈАТА НА ЕКОНОМИЈАТА Мицкоски очекува преку германски искуства да создаде економија примамлива за младите таленти

Премиерот вели дека вел на владата е да изгради модерна, ефикасна и конкурентна економија која ќе биде интегрирана во европските синџири на вредност и ќе создава можности за домашните компании, за младите луѓе и за идните генерации.

74

Германија за нас претставува повеќе од економски партнер. Таа е симбол на индустриска моќ, технолошки развој, дисциплина, иновации и стабилен економски модел кој со децении создава вредност и напредок. Германските компании тука кај нас не се само инвеститори. Тие се партнери во трансформацијата на нашата македонска економија. Тие отвораат работни места, носат нови стандарди, нова корпоративна култура, технолошко знаење и практики кои го менуваат економскиот пејзаж на државата,  рече премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на Германско-македонскиот бизнис самит.

Нашата цел е јасна, рече Мицкоски, да изградиме модерна, ефикасна и конкурентна економија која ќе биде интегрирана во европските синџири на вредност и ќе создава можности за домашните компании, за младите луѓе и за идните генерации.

– И токму затоа, нашата Влада останува цврсто посветена на создавање предвидлива, стабилна и про-бизнис средина. Во изминатиот период презедовме сериозни чекори за стабилизација на економијата, подобрување на институционалната ефикасност и поддршка на инвестициите. Работиме на намалување на административните бариери, дигитализација на услугите, модернизација на инфраструктурата и создавање услови за побрзо и поефикасно водење бизнис – реле Мицкоски.

Тој рече и дека веќе е јасно дека економскиот раст повеќе не може да се темели само на евтина работна сила или традиционални модели на производство.

– Новата економија бара паметни фабрики, автоматизација, вештачка интелигенција, дигитални платформи, напредно производство, зелени технологии и постојано вложување во човечкиот капитал. Затоа ние како Влада го отвораме патот кон економија базирана на знаење. Нашата визија е да создадеме држава во која младите инженери, програмери, иноватори и претприемачи нема да мора да ја бараат својата иднина надвор, туку ќе имаат можност да создаваат дома — во модерна економија која ги вреднува нивното знаење и талент. Инвестираме во дигитална инфраструктура, во модернизација на образованието, во дуалното образование, во технички и ИТ вештини, затоа што без обучен кадар нема успешна дигитална трансформација. – рече Мицкоски.

Тој додаде дека технолошката револуција отвора големи можности, но и сериозни предизвици.

– Во тој процес, партнерството со германската економија е исклучително важно. Германските компании имаат огромно искуство во индустриската дигитализација, паметното производство, енергетската ефикасност и применетите технологии – рече Мицкоски.

Премиерот рече и дека земјата располага со млади, талентирани и амбициозни луѓе.

– Имаме стратешка географска позиција. Имаме потенцијал да станеме регионален центар за нови технологии, логистика, напредно производство и дигитални услуги. Нашата задача како Влада е тој потенцијал да го претвориме во реален економски раст.Затоа работиме на политики што ќе поттикнат иновации, стартап екосистем, истражување и развој, поврзување помеѓу универзитетите и индустријата, како и поголема поддршка за домашните компании кои сакаат да инвестираат во модерни технологии – рече тој.

Мицкоски потсети и на инвестициите во инфраструктурата за да одговори на барањата на современата економија.

Поврзани содржини