СДСМ ЗБОРУВА ЗА ВРАЌАЊЕ НА ГРУЕВСКИ, А ГО ПУШТИ ДА ИЗБЕГА Пратеникот на ЗНАМ Даниел Стојчевски има неколку прашања до опозицијата

0

Реториката што ја користат СДСМ и Венко Филипче не е повик за правда, туку обид да се избрише колективното паметење на граѓаните и да се наметне една нова, удобна „вистина“, реагира пратеникот Даниел Стојчевски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

Од партијата велат дека сме сведоци на уште еден обид за груба политичка манипулација од страна на СДСМ и прашуваат дали СДСМ има кредибилитет да зборува за правда.

„Дали тоа се истите оние структури кои во 2018 година, наместо да обезбедат функционирање на правната држава, овозможија сценарио за бегство на Никола Груевски? Дали тоа се истите политички актери кои, наместо институционална одговорност, избраа политички договори и калкулации? СДСМ и Венко Филипче ѝ должат одговор на јавноста“, наведуваат од ЗНАМ во соопштение.

Пратеникот Стојчевски прашува:

– Дали е точно дека во вилата на Водно се одржала работна средба во периодот пред парламентарните избори во 2024 година, на која се разговарало за враќањето на Никола Груевски во државата под одредени услови, во замена за негова амнестија?

Дали Филипче, како актуелен директор на Фондацијата на Зоран Заев, ја има целосната информација за ова прашање или допрва треба да го праша својот ментор што навистина била темата на таа средба?

Ако таму наиде на молк, дали ќе се обрати кај своите сопартијци, Бојан Маричиќ и Оливер Спасовски?

Или, пак, одговорите треба да се бараат кај поранешните коалициски партнери како Али Ахмети, Артан Груби и Бујар Османи?

И конечно, дали вистината за овие процеси ја знае и може да одговори поранешниот претседател Стево Пендаровски?

Го прашуваме раководството на СДСМ, дали е вистина дека од Будимпешта до Бихаќка бил испратен УСБ стик со измени на Кривичниот законик, конкретно на членот 353, со кои практично се овозможи општа амнестија за кривичните дела на Груевски, имајќи предвид дека токму преку тие измени и нивното укинување се создаде основа за самоамнестирање на тогашните функционери за сторениот криминал?

Дали е точно дека во замена за својата амнестија Никола Груевски требаше да формира нова политичка партија со цел да одземе гласови од ВМРО-ДПМНЕ?

Од ЗНАМ додаваат дека во ситуација кога СДСМ функционира со повеќе центри на влијание и различни внатрешни структури, логично се наметнува прашањето – кој ја знае вистината, а кој свесно молчи пред граѓаните?

 

Поврзани содржини