Заробени до болка умови

Впрочем, нивната свест за демократија е еднаква како и онаа за автократија, која што ја гледаат само кај другиот, но не и во нивното идеолошко трло. Токму овие заробени трачерски умови ниту еднаш не напишале збор за партиската суроица во рацете на нивниот врховен газда, за власта што тој ја има и дебело ја практикува во сите пори на нивната партија.

92

Просто е неверојатно како кај нас сѐ може да се постави наопаку, наглава, дури и најнормалните нешта што инаку функционираат кај сите други – да не речам нормални – кај нас одамна тиштат како здодевна забоболка. Дури и нормалноста на насловот на колумната на Виктор Грозданов дека „Индустријата носи пари, а политикантството ’трачарење’“ кај нас е обратна: „трачарењето“ носи пари а индустријата никој не ја ферма! Очигледно ние не сме ни свесни какви пари „се вртат“ во државава кога толкава полуписмена толпа самонаречени интелектуалци може удобно да живее токму од – „трачарење“.

Само треба да добијат шлагворт, актуелен рефрен, и хорот на трачерите да започне да завива. Еднаш тоа се евроинтеграциите, па „Safe City“ (уште од кога се спомна како можност), па екстрадицијата на пребегон од Будимпешта, па (нормално) Делчев, сега вриежот на границите кон Грција… Ако пак почнете да бележите што ни помина прекуглава во изминативе две години, ќе треба поприлично простор. И нерви.

Но, интересно е како темите само се отвораат, се „пумпаат“, и потоа – штама. Нема завршница зашто биле токму напумпани – на пример онаа со бајатите изјави на земјоделецон од Виена на кои се налепи цела „опозиција“, а веднаш ја „заборавија“ кога нештата ги појасни самиот Вајц.

Впрочем, како прилог кон сето ова го гледам и енормниот наплив на онлајн медиуми, поткасти и др., од коишто најголемиот број служат токму за – „трачарење“. А тоа, трачарењето, во најголем процент се сведува на непријатни, непристојни, неточни или полувистинити… напади врз актуелната власт. Иако останува ноторниот факт дека најголемиот дел од нив – ако не баш сите – зрачат со завист завиткана во светликавата хартија на тенденциите за „високоумно“, а најчесто високопарно и тесноумно (да не речам малоумно!) политичко – поточно политикантско! – мудрување. Или „трачарење“, како сакате.

На пример, и по којзнае кој пат настрвени да го дефамираат „безбеден град“ бидејќи тие од крадење не стигнаа ништо да направат, опозицискана секта сега сака да нѐ убеди дека добивањето лажни пораки за наводни прекршоци како „нова голема измама преку системот што владата го промовираше како ’безбеден’“ е нешто невидено. И, демек, поентираат дека власта не може да ги заштити податоците и системот од надворешни напади и измами. Типично трачарење од група слепци кои не успеаа да го заштитат ни својот премиер од хакерски упад на двајцана украинци кои го направија резил пред светот! Најзаштитените системи во светот, меѓу нив на нато (малите букви се…), на тајни служби, на огромни корпорации и банки… биле пробивани низ такви упади, та сега „безбеден град“ бил некаков страшен исклучок! Примитивни блефери.

Како што впрочем е и користењето на актуелната состојба со почетокот на летните метежи на границите кон туристичките дестинации благодарејќи на „мудрата“ (EES) политика на еу за, како што вели еден „трачер“, „контрола на сопствените граници“! И можеби тоа е навистина (и) тоа – „контрола на сопствените граници“ – но замислете сега и ние да воведеме сличен систем па сите патници од земјите од еу на нашите граници да минуваат низ таков систем на „контрола на сопствените граници“. Можете да претпоставите што би пишувале овие и вакви трачери, како би врескале по власта и со какви имиња би ги нарекувале?

А сепак, зарем тоа не би била некаква форма на доследност кон еу политките и, како што вели трачерот, борба за „европската реалност“ и „владеење на правото“?! А оној од сектана му терцира дека повикот за летување дома е повик за изолација а не е причина системот што им го воведува љубимата еу. Или слепциве навистина ли мислат дека EES е наметнат од Мицковски и Вучиќ?!

За жал, тие и такви зборови, како впрочем и поимањето на демократијата, кај нас (им) служат само за „премерување на дворот“ на другиот. Зашто, на пример, како е можно ниеден, ниту еден од силниве демократи и оние „загрижени“ универзитетски „професори“ стегнати во идеолошкото менгеме на глупоста да не кажат ни збор за начинот на избор на старо-новата ректорка на уким (малите букви, особено после тоа, се реален одраз на академската свест на таа фела таму!)? Во изминативе три децении повеќе од половина универзитет се тркалаше низ највисоките функции во државава продавајќи ни некакво слово за демократијата, ама кај нив дома тие прават избори со некакви математички формули! И не победува оној со најмногу гласови туку со – најмногу поени. Собирани којзнае каде, можеби низ ходниците на факултетите? А после цела држава се чуди зошто ваквите шапшали ги нема на Шангајската листа!

Впрочем, нивната свест за демократија е еднаква како и онаа за автократија, која што ја гледаат само кај другиот, но не и во нивното идеолошко трло. Токму овие заробени трачерски умови ниту еднаш не напишале збор за партиската суроица во рацете на нивниот врховен газда, за власта што тој ја има и дебело ја практикува во сите пори на нивната партија. Меѓу другото, кога веќе говорат за тенденцијата за автократско владеење кај сите други во државава, навистина ли забораваат на султанскиот тип на хиерархија во нивното идеолошко трло, каде „лидеро“ дури именува и разрешува претседатели на општинските организации и претседател на градската организација на Град Скопје? Ама сепак, во интерес на „демократската“ маска, распишуваат отворен повик за самокандидирање за претседатели на општински организации?

Или, како истиот „лидер“ и неговите пулени експерсно разрешуваат членови кои отворено се спротивставуваат на актуелните ступидни и недемократски политики на сектата, но скандалозно молчат за мизерноно „мудрување“ за Делчев на член на нивниот Извршен одбор? Или и тие така мислат?

Па поголема фарса од тоа има ли?! И не ли ги здоболува тој идеолошки јарем околу главата?

Поврзани содржини