ФИЛИПЧЕ ГИ ИМА ИСТИТЕ ПРЕДАВНИЧКИ ПОЛИТИКИ КАКО ЗАЕВ Спремен е да ги распродаде националните интереси

Според ВМРО-ДПМНЕ, неопходна е јасна стратегија и јасен план за интеграцијата на државата, со прецизно дефинирани државни позиции, кои ќе бидат доследно бранети и почитувани, нешто што СДСМ и Филипче не го нудат.

79

Венко Филипче уште еднаш, и тоа пред гробот на Гоце Делчев, потврди дека е спремен да ги распродава националните интереси исто како неговиот ментор Зоран Заев, само за да си ја зачува фотелјата на Бихачка и да дојде до власт, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

„Филипче кажа дека „Бугарија не го негира идентитетот на Македонија“ и покрај отвореното негирање на Бугарија на идентитетот, на Гоце Делчев, покрај барањата на Бугарија за промена на учебниците, покрај оспорувањето на јазикот, Филипче ја потврди неговата сервилност и спремност за уставни измени веднаш, без услови и без гаранции дека тоа ќе биде последната пречка за државата“ – се наведува во соопштението.

Според ВМРО-ДПМНЕ тоа е доказ дека СДСМ на чело со Филипче е „конзистентен во предавничките политики исто како и неговиот гуру Заев“.

„Филипче нема црвени линии и заборава дека токму тој став и погрешната политиката на отстапки на СДСМ , Заев и останатите во минатото ја доведоа државата во состојба на константни уцени и блокади од Бугарија. Додека Филипче ја убедува јавноста дека „нема проблем“, во позадина е спремен на се и секакви отстапки кои директно удираат врз македонските интереси.

Филипче и СДСМ се проевропски само кога тоа им треба како во кампања кога ветуваа бесплатно здравство, квалитетно образование и повисоки плати. А од сето тоа добивме фотографија од авион на чиј лет ни беше ветен датумот за влез во ЕУ.

Филипче и СДСМ се проевропски само кога прават злоупотреба на европско знаменце во Собранието, а во реалноста делеа тендери, државјанства и вдомуваа луѓе блиски до Путин.

Додека СДСМ и Филипче се продаваат како проевропски, владеењето на СДСМ беше обележано по тоа што спротивно на националните интереси, издаваше македонски пасоши на белосветски наркобосови и криминалци, како што беше и државјанството на рускиот олигарх близок до Путин и осуден криминалец во Украина за перење пари и корупција, Александар Онишченко“ – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата ВМРО-ДПМНЕ, неопходна е јасна стратегија и јасен план за интеграцијата на државата, со прецизно дефинирани државни позиции кои ќе бидат доследно бранети и почитувани, нешто што, како што се наведува, „СДСМ и Филипче не го нудат и немаат црвени линии“.

Поврзани содржини