ЛАЖНИ КАЗНИ ЗА „СЕЈФ СИТИ“ СИГНУВААТ ПРЕКУ ЅМЅ Полицијата со апел до граѓаните да не наседнуваат

Измамници испраќаат пораки за наводни сообраќајни прекршоци и ги наведуваат граѓаните да внесат лични и банкарски податоци на лажна страница

469

Граѓани во Македонија деновиве добиваат сомнителни пораки за наводни сообраќајни прекршоци, зад кои всушност стои обид за измама и кражба на лични податоци.

Од Министерство за внатрешни работи информираат дека непознати лица испраќаат SMS-пораки од странски број (+639606963624), во кои се тврди дека примачот направил сообраќаен прекршок и треба да плати казна.

Во пораката има линк кој води до лажна веб-страница што изгледа како официјална страница на МВР. Таму од граѓаните се бара да ја внесат регистарската табличка, по што им се прикажува наводен прекршок и се бара уплата од околу 1.500 денари со платежна картичка.

Од полицијата предупредуваат дека станува збор за класична интернет измама, чија цел е да се дојде до лични и банкарски податоци.

Апелот до граѓаните е да не отвораат сомнителни линкови, да не внесуваат податоци на непроверени страници и да не веруваат на пораки кои не доаѓаат од официјални извори.

„Не оставајте лични и финансиски податоци на вакви страници, бидејќи можат да бидат злоупотребени“, предупредуваат од МВР.

Поврзани содржини