НЕВИДЕНО НАСИЛСТВО ВО АВСТРАЛИЈА ПО УБИСТВО НА ДЕВОЈЧЕ Абориџините „го запалија“ градот барајќи традиционална одмазда

Премиерот Ентони Албанезе рече дека го разбира „гневот и фрустрацијата на луѓето“, но ги повика да ја смират ситуацијата.

351

Жестоки судири избија во градот Алис Спрингс откако беше уапсен 47-годишен маж осомничен за киднапирање и убиство на петгодишно домородно девојче.

Станува збор за Џеферсон Луис, кој бил пронајден во еден локален камп, по што бил нападнат од жители и претепан до бессознание пред да биде приведен од полицијата.

Неговото приведување предизвика бурна реакција кај дел од заедницата. Околу 400 луѓе се собраа пред болницата во Алис Спрингс, каде што тој бил однесен на лекување, барајќи таканаречена „payback“ правда – традиционален облик на казнување во некои домородни заедници, слична во некои аспекти со балканскиот концепт на „крвна одмазда“

Според снимки објавени од Еј-би-си (Australian Broadcasting Corporation), демонстрантите фрлале предмети, палеле пожари и оштетиле полициски и медицински возила. Во судирите биле повредени полицајци и медицински работници, а полицијата употребила солзавец и гумени куршуми за да ја растера толпата.

Телото на девојчето, кое семејството бара да се нарекува Куманџаји Литл Бејби поради културни обичаи, било пронајдено по неколкудневна масовна потрага во околината на градот.

 

Фото: Принтскрин

 

Осомничениот, кој има претходни пресуди за насилство и неодамна бил пуштен од затвор, подоцна бил префрлен во Дарвин поради безбедносни причини и се очекува да биде официјално обвинет.

Премиерот Ентони Албанезе изјави дека го разбира гневот и болката во заедницата, но повика на смиреност и почитување на правниот процес. Сличен апел упатија и полицискиот комесар Мартин Дол и домородниот старешина Робин Гранитс, кој истакна дека насилството „не е начин“ за справување со трагедијата.

Случајот ги актуелизира прашањата за длабоките социјални нееднаквости во Австралија, каде домородното население сочинува околу 3–4 проценти од вкупната популација, но се соочува со значително повисоки стапки на сиромаштија, затворање и други општествени проблеми.

 

Поврзани содржини