ТРАМП Ѝ ЗАДАВА УДАР НА ЕВРОПСКАТА АВТОМОБИЛСКА ИНДУСТРИЈА!? Воведува нова царина од 25%

Најавата на Трамп покажува дека САД се непредвидлив трговски партнер, изјави претседателот на трговскиот одбор на Европскиот парламент Бернд Ланге.

619

Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп најави воведување нови царини кон Европската Унија во областа на автомобилската индустрија. Во изјава на социјалната мрежа Трут соушл Трамп рече дека не е задоволен од односот меѓу САД и Европската Унија и дека ќе почне да применува нови царини.

– Со задоволство објавувам дека, врз основа на фактот дека Европската Унија не го почитува нашиот целосно договорен трговски договор, следната недела ќе ги зголемам царините што ѝ се наплаќаат на Европската Унија за автомобили и камиони што влегуваат во Соединетите Американски Држави. Царината ќе се зголеми на 25%. Целосно е разбрано и договорено дека ако произведуваат автомобили и камиони во фабрики во Соединетите Американски Држави, нема да има царини – рече Трамп.

После тоа, Трамп изјави дека Америка дополнително ќе го зајакне производството на автомобили и камиони.

– Многу фабрики за автомобили и камиони се во изградба во моментов, а инвестирани се над 100 милијарди долари, што е рекорд во историјата на производството на автомобили и камиони. Овие фабрики, каде што работат американски работници, наскоро ќе се отворат. Ништо вакво не се случило до денес во Америка – заклучи американскиот претседател.

Најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на царините на автомобили и камиони од Европската Унија покажува дека САД се непредвидлив трговски партнер, изјави претседателот на трговскиот одбор на Европскиот парламент, Бернд Ланге.

– Последниот потег покажува колку е непредвидлива американската страна – рече Ланге.

Тој оцени дека ваквиот пристап не е начин на кој се третираат блиски партнери.

– Сега можеме да одговориме само со целосна јасност и цврстина, потпирајќи се на силата на сопствената позиција – додаде Ланге.

Според него, однесувањето на Трамп е „неприфатливо“, бидејќи Европската Унија се држела до рамката на трговскиот договор постигнат со САД минатата година во Шкотска. Со тој договор биле утврдени царини од 15 проценти за најголем дел од стоките од Европската Унија, со што бил избегнат поголем трговски судир.

Ланге тврди дека токму САД повеќепати го прекршиле договорот. Како пример ги посочи повеќе од 400 производи што содржат челик и алуминиум, кои сега се подложени на просечна царина од 26 проценти.

Ова е нов потег на Трамп што може дополнително да ги заостри трговските односи меѓу САД и Европската Унија, особено во автомобилската индустрија, еден од најчувствителните економски сектори меѓу двете страни.

Поврзани содржини