СДСМ НЕ Е ПРОЕВРОПСКА ТУКУ Е ОПОРТУНИСТИЧКА ПАРТИЈА Спинувањето изјави не е европска вредност
СДСМ и Филипче се подготвени да потпишуваат бланко листови, без гаранции, да спинуваат европратеници, додека во сопствените редови шират негирање на македонскиот идентитет, затоа Филипче не е морален авторитет да говори за европските вредности, рече Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ постојано се претставуваат како проевропски партија, затоа што веројатно тоа им е единствен аргумент кој го имаат откако додека беа на власт ги распродадоа македонските национални интереси. Овој нивни аргумент не е поткрепен со нивното однесување во јавноста – рече Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ на денешната партиска конференција.
– Филипче се однесува како само тој да го знае патот кон ЕУ, а неговата шема не познава никакви црвени линии. Но, што имаат да кажат луѓето од највисоките редови во СДСМ, кои се директно назначени токму од Филипче?
Рубин Земон, како најнов случај, кој е член на Извршен одбор на СДСМ, кој е и поранешен функционер за време на Зоран Заев, без двоумење на еден поткаст изјави дека за него Гоце Делчев е небитен, дека е мит, и дека не е важен кога станува збор за македонската државност.
Венко Филипче ниту се огради, ниту пак се изјасни за оваа изјава на Рубин Земон, затоа што од друга страна, тој самиот јавно изјави дека е подготвен да потпише уставни измени, веднаш, без услови, и без никакви гаранции дека тоа би била последната пречка за Македонија при евроинтегративниот процес.
Венко Филипче, кој сам се прогласува како проевропски настроен лидер на партија во опозиција во земјава, ги спинуваше изјавите на европратеникот и известувач за Македонија во Европскиот парламент, господинот Томас Вајц.
Господинот Вајц за ова лично се огласи и разјасни дека интервјуто е дадено скоро два месеци пред да биде објавено и дека актуелната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ во земјава има значаен прогрес. Со оваа изјава, јасно беа демантирани лагите на Венко Филипче.
Според ова, СДСМ не е проевропска туку е опортунистичка.
Исто така, уште еден важен пример е тоа што со месеци од СДСМ ширеа невистини дека средствата од ИПАРД програмата се изгубени, и дека македонските земјоделци останале без поддршка.
Брисел даде јасен одговор на ова прашање, дека средствата се достапни и се на располагање на македонските земјоделци и дека воопшто никогаш не биле блокирани.
СДСМ и Филипче се подготвени да потпишуваат бланко листови, без гаранции, да спинуваат европратеници, додека во сопствените редови шират негирање на македонскиот идентитет, затоа што Филипче не е морален авторитет да говори за европските вредности.
СДСМ не е проевропски настроена, ниту пак Филипче е проевропски настроен – рече Манасиевски на прес конференцијата.