СПОРЕД ОБВИНИТЕЛСТВОТО, ПОЛИЦАЈЦИТЕ НЕ ЈА ИЗВРШИЛЕ ДОЛЖНОСТА ПРИ КОНТРОЛАТА НА „ПУЛС“ Завршни зборови за тројцата полициски службеници од Кочани

Обвинителството не достави ниеден доказ од кој произлегува која бланкетна норма или подзаконски акт е прекршен ниту, пак, се утврди одговорност кај обвинетите, смета одбраната.

267

Со завршни зборови пред Кривичниот суд Скопје судењето против тројцата обвинети полицајци од Кочани, Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков се приближува кон крајот.

Обвинителството побара осудителна пресуда поради неизвршување на службената должност и поради прибавување имотна корист, а одбраната оцени дека обвинението е неосновано и побара ослободување на обвинетите.

Пресудата ќе биде изречена на 5 мај.

Предметот е во врска со контролите на дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде на 16 март минатата година во пожар загинаа 63 луѓе, а 222 беа повредени.

Јавниот обвинител Спасенка Андонова по рочиштето рече дека уште при поднесувањето на обвинителниот предлог Обвинителството располагало со доволен број материјални докази.

– Од анализата на доказите и сите изведени искази јасно произлегуваат пропустите на обвинетите како полициски службеници, кои придонеле да се реализира имотна корист за правен субјект кој воопшто не бил наведен во записниците од контролите – рече Андонова.

Таа додаде дека обвинетите не постапиле во согласност со деловите од анекс-планот, кои прецизно укажуваат каква документација треба да се обезбеди при акциска контрола и кого треба соодветно да легитимираат.

Во врска со третообвинетиот Темелков, Андонова наведе дека тој како командир имал сознанија за тоа кој правен субјект стопанисува со објектот.

– Од дописите од Министерството за економија, прибавени уште пред акциските контроли, јасно произлегува дека со клубот „Пулс“ стопанисувал друг правен субјект, а не оној против кој е поведена прекршочната постапка – истакна обвинителката изразувајќи уверување дека судот ќе донесе осудителна пресуда.

Одбраната, пак, побара ослободување на сите обвинети. Бранителот Гоце Ристов оцени дека Обвинителството не направило корекција, туку измена на обвинителниот предлог.

– Обвинителството не достави ниеден доказ од кој произлегува која бланкетна норма или подзаконски акт е прекршен ниту, пак, се утврди одговорност кај обвинетите – изјави Ристов додавајќи дека полицајците постапиле целосно во согласност со акцискиот план и со анекс-планот.

И бранителот Роберт Марков посочи дека од исказите на сведоците произлегува оти полицијата нема надлежност да бара или да  контролира лиценци за работа.

– Лиценцата ја издава Министерството за економија и ја контролира Државниот пазарен инспекторат, а не Министерството за внатрешни работи. Во анекс-планот е наведено решение за работа или тековна состојба, со сите релевантни податоци за правниот субјект – рече Марков нагласувајќи дека дури и самата лиценца не ги содржи податоците потребни за полициско постапување.

Според обвинението, во периодот од октомври 2023 до февруари 2024 година, обвинетите Кире Богатинов и Горан Лазаров, при акциски контроли во кабарето „Пулс“ во Кочани, не постапиле целосно по анекс-плановите и во записниците внеле неточни податоци за правното лице, а иако биле констатирани прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир, не била поведена соодветна прекршочна постапка. Третообвинетиот Александар Темелков, според Обвинителството, при одобрување барања за поведување прекршочна постапка не ја проверил целокупната документација и покрај законската обврска. Со ваквите дејства, како што тврди обвинението, била прибавена имотна корист – неповедување прекршочна постапка за „ММММ кафе“ ДООЕЛ Кочани, подружница „Кабаре Пулс“.

Поврзани содржини