ГАС ДО ДАСКА ВО КОТОР Иџе најавува вистински спектакл со своето Ферари
Игор Стефановски – Иџе ќе настапи на престижната трка во Котор, каде ќе се соочи со повеќе од 130 врвни возачи и за првпат ќе го претстави своето Ферари пред тамошната публика.
Македонскиот автомобилист Игор Стефановски – Иџе овој викенд ќе настапи на престижната ридско-брзинска трка во Котор, која важи за една од најатрактивните во регионот.
Во паузата од настапите во ФИА Европски шампионат на ридски патеки, Стефановски ја прифатил поканата од организаторите и ќе се натпреварува со повеќе од 130 врвни возачи.
Трката ја организираат Автомобилски и картинг сојуз на Црна Гора и АМСК Котор, а резултатите се бодуваат за шампионатот на Црна Гора, првенството на Хрватска, како и за Адриатик и Котор куповите.
– Ми претставува особена чест и задоволство што повторно ќе бидам дел од оваа трка, која со години важи за една од најквалитетните во регионот. За мене, Котор има и лично значење – тука растев и се развивав како автомобилист. Ова е можност повторно да застанам пред балканската публика и моите пријатели. Особено ме радува што публиката за првпат ќе има можност да го види моето црвено Ферари на ваков настан. Очекувам одличен викенд и вистински тркачки спектакл – изјави Стефановски.
Од тимот на Видеолотарија Касинос Австрија велат дека и овојпат силно стојат зад него и изразуваат гордост што повеќе од една деценија заедно го поддржуваат неговиот успех и ја промовираат Македонија на меѓународната сцена.