ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ И НЕДОСТИГОТ НА ПРОФЕСИОНАЛИЗАМ ПРИДОНЕСУВААТ ЗА ПАД НА ДОВЕРБАТА ВО МЕДИУМИТЕ Македонија на 45 место на листата на Репортери без граници
Иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. На јавниот сервис му недостасува уредувачка и финансиска независност, се наведува во извештајот за Македонија.
Репортери без граници (RSF) ја рангираше Македонија на 45. место од 180 земји во Индексот на слободата на медиумите за 2026 година. Лани земјава беше на 42 место.
„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, широко раширените дезинформации и недостигот на професионализам придонесуваат за пад на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Владини претставници имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“, се наведува во образложението на Репортери без граници.
Дезинформации, плагијати, копирање содржини…
„Иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионалните онлајн редакции кои вработуваат новинари и објавуваат авторска содржина, и поединечните портали кои плагијаторски преземаат и само копираат содржини. Исто така, постои голем јаз помеѓу употребата и довербата: најгледаните ТВ станици – Алсат, Сител, МТВ1, Канал 5 – имаат низок индекс на доверливост“, се наведува во текстот.
Организацијата оценува дека целокупниот амбиент останува поволен за слободата на медиумите, но дека владините агенции не се многу транспарентни, а критичкото новинарство сѐ почесто е цел на напади.
„Поради силна политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок на властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. На јавниот сервис му недостасува уредувачка и финансиска независност“, се наведува во извештајот.
Во однос на правната рамка се вели дека иако Уставот ја гарантира слободата на говорот и ја забранува цензурата, земјата бавно го усогласува медиумското законодавство со стандардите на Европската Унија, во која планира да се зачлени. Стратешките тужби против учеството на јавноста (SLAPPs) служат како инструмент за заплашување и притисок врз независните медиуми. Новиот закон со кој повторно се дозволува националните и локалните власти да се рекламираат во приватните медиуми, предизвика загриженост за можно тргување со влијание.
„Иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, уредувачките тимови на некои од главните ТВ канали се изложени на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донатори. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Новинарството е многу несигурна професија. Некои медиуми се подложни на тргување со влијание од страна на маркетинг агенциите“, се наведува во извештајот.
Иако нема јасни ограничувања во социјалното и културното опкружување кои влијаат на слободното новинарство, социјалните медиуми и дигиталната сфера генерално го фаворизираат ширењето на дезинформации и сајбер закани. Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат за пад на довербата на јавноста во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинарите врз основа на пол, етничка припадност или религија.
„Неколку инциденти го намалија чувството на безбедност кај новинарите, вклучувајќи палење на нивен имот и случаи на полициско вознемирување. Од една страна, назначен е специјален обвинител за случаи на напади врз новинари во главниот град, а се разгледува и отворање на слични канцеларии низ целата земја. Од друга страна, новинарите кои известуваат за работата на обвинителите се соочуваат со значителен притисок“, се додава во извештајот.
Норвешка прва, САД паднаа за 7 места
Норвешка десетта година по ред го задржа првото место на ранг-листата, а ја следат Холандија и Естонија. На дното од листата повторно се наоѓа Еритреја, додека меѓу најлошо рангираните се и Северна Кореја и Кина.
Најголемо подобрување бележи Сирија, напредувајќи од 177 на 141 место по падот на владата на Башар ал-Асад кон крајот на 2024 година и последователните политички промени. Најголем пад пак забележува Нигер, губејќи 37 места и спуштајќи се на 120 позиција.
Сите 19 најдобро рангирани земји се во Европа. Меѓу нив, Германија се наоѓа на 14 место, што е пад од три позиции во однос на претходната година, но сѐ уште е класифицирана во категоријата „задоволителна“.
„Репортери без граници“ забележува влошување на работната средина за новинарите во Германија, вклучувајќи онлајн навреди, закани, кампањи за клевета и зголемена недоверба.
Соединетите Американски Држави паднаа за седум места и сега се на 64 позиција, при што во извештајот се посочува на насилство врз новинари од страна на полицијата и агентите на имиграциската служба, како и намалување на финансирањето на меѓународни медиуми поддржани од САД.
Од регионот, задоволителна е состојбата во Словенија (36) и Црна Гора (41), Хрватска (53) е во групата со „проблематични“, како и Бугарија (71), Албанија (83) и Грција (86). Како „тешка“ се оценува состојбата во БиХ (90) и Србија (104).
Тешка и многу сериозна состојба во целиот свет
За првпат во историјата на Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, повеќе од половина од земјите во светот сега спаѓаат во категориите „тешка“ или „многу сериозна“ состојба за слободата на медиумите.
Од петте индикатори што се користат за оценување на слободата на медиумите во светски рамки (економскиот, правниот, безбедносниот, политичкиот и социјалниот контекст за новинарството), правниот индикатор забележа најголем пад оваа година, бидејќи новинарството сѐ почесто се ограничува преку закони донесени под изговор на борба против тероризам или заштита на националната безбедност.
Само седум земји се оценети како „добра“ средина за новинарите, а тие заедно опфаќаат само еден процент од светската популација.