НА ТАРАВАРИ МУ ПРЕЧИ „АЛБАНСКИ ТЕРОРИСТИ“ Бара ретуширање на споменикот за масакрот кај Вејце
Таравари смета дека изразот „Паднати во војна против албански терористи“, кој што стои на плочата, е неприфатлив и навредлив за дел од граѓаните.
Лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари побара да се смени текстот од спомен-плочата во касарната „Илинден“, посветена на загинатите припадници на безбедносните сили во масакрот кај Вејце во 2001 година, каде вчера министерот за одбрана Владо Мисајловски оддаде почит.
Таравари смета дека изразот „Паднати во војна против албански терористи“, кој што стои на плочата, е неприфатлив и навредлив за дел од граѓаните.
– Кога министер на мултиетничка држава, а не приватно лице, положува цвеќе и оддава почит на спомен-плоча каде што јасно е видлив терминот „албански терористи“, тој со тоа ги навредува своите сограѓани идентификувајќи ја етничката припадност како криминална карактеристика. Ова, според кој било меѓународен стандард, е шовинистички и дискриминаторски јазик што мора да биде санкциониран – изјави Таравари.
Тараари побара министерот за одбрана да даде јавни објаснувања и да интервенира врз основа на овластувањата што ги има за да го промени овој, како што вели, говор на омраза на таа плоча што стои во касарната „Илинден“.
Според лидерот на АА, со терминот „албански терористи“, како што вели тој, се навредуваат Албанците и Охридскиот договор, потенцирајќи дека борците на УЧК биле борци за слобода, а не како што ги опишува плочата.
Од друга страна, министерот Мисајловски преку социјалните мрежи истакна дека жртвата на загинатите припадници на Армијата и полицијата е дел од државното сеќавање. Во објава на Фејсбук Мисајловски порача дека тие загинале во одбрана на татковината, со што ја нагласи почитта кон нивниот придонес за безбедноста на земјата.
Настаните од 2001 година, особено оние кај Вејце, продолжуваат да предизвикуваат дијаметрално спротивни политички толкувања и силни реакции во македонската јавност.
Масакрот кај Вејце се смета за најкрвав и најбрутален настан во поновата историја на Македонија. Се случил на 28 април 2001 година во 17:45 часот откако од заседа биле убиени, а потоа масакрирани и живи запалени осуммина специјалци и полицајци припадници на специјалните единици „Волци“ и на „Посебната единица на СВР Битола“. Покрај осумтемина убиени, имало и шестмина повредени. При нападот, од колоната успеало да се извлече последното возило и да јави за нападот.
Во тој напад на ОВК (УЧК) убиени се Роберт Петковски (27) Игор Костески (26) Миле Јаневски (30) Бобан Трајковски (28), Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24) Бошко Најдовски (25) и Кире Костадиновски (24).