БОГАТ ЖИВОТ НА СТАРА СЛАВА Ѕвездите од култната серија „Пријатели“ сè уште заработуваат шокантни суми од авторските права
Сумата што ја откри Лиса Кудроу во интервју за The Times, изненади многу фанови, со оглед на тоа што серијата заврши во 2004 година, но сè уште има силно присуство на глобалните платформи.
Повеќе од 20 години по емитувањето на последната епизода, серијата „Пријатели“ продолжува да генерира милиони долари приходи. Лиса Кудроу, една од главните актерки, неодамна откри колку таа и нејзините колеги сè уште заработуваат благодарение на авторските права.
Во интервју за The Times, Кудроу изјави дека актерската екипа заработува околу 20 милиони долари годишно од авторски права. Оваа бројка изненади многу фанови, со оглед на тоа што серијата заврши во 2004 година, но сè уште има силно присуство на глобалните платформи.
Од скромни почетоци до договори од милион долари
Кога „Пријатели“ премиерно се емитуваше во 1994 година, Лиса Кудроу, Џенифер Анистон, Кортни Кокс, Дејвид Швимер, Мет Лебланк и Метју Пери заработуваа околу 22.500 долари по епизода. Како што популарноста на серијата растеше, актерската екипа одлучи да преговара заедно – потег што се покажа како исклучително успешен.
Благодарение на оваа стратегија, сите тие достигнаа хонорар од 1 милион долари по епизода во последните две сезони, што беше без преседан во телевизиската индустрија во тоа време.
Во 2021 година, шесте актери повторно се собраа за специјална емисија, за која наводно им биле платени по околу 2,5 милиони долари на секој.
Феномен што никогаш не бледнее
Кудроу верува дека успехот на серијата не е случајност. По смртта на Метју Пери во 2023 година, таа повторно ја гледала серијата и стекнала нова почит кон проектот.
– Порано, ги забележував само сопствените грешки. Сега, за прв пат, сфатив колку навистина беше одлична серијата – вели таа.
Таа особено ги издвои своите колешки:
– Чувствувам дека сум била добра, но Џенифер и Кортни беа неверојатни. Дејвид и Мет постојано ме смееја. А Метју… беше над сите нас.
Таа додаде: „Тој беше гениј. И што и да правиме во иднина, тешко дека повторно ќе доживееме такво нешто“.
Во друго интервју, таа нагласила дека серијата доловува посебна атмосфера:
– Пријатели доловија еден вид невиност што помладите генерации можеби никогаш не ја доживеале.
Рејтинзи и наследство
За време на нејзиното прикажување од 1994 до 2004 година, „Пријатели“ стана една од најгледаните серии на сите времиња. Последната епизода ја гледаа повеќе од 52 милиони луѓе во Соединетите Држави.
Денес, серијата продолжува да ги освојува новите генерации гледачи преку платформите за стриминг, додека долгогодишните обожаватели постојано ѝ се навраќаат. Токму оваа трајна популарност објаснува зошто екипата продолжува да заработува огромни приходи.
Кариера со предизвици
И покрај големиот успех, Кудроу признава дека не добивала секогаш исто внимание како нејзините колеги. Во интервју за The Independent, таа откри дека во еден момент се чувствувала потценета:
– На никого не му беше особено гајле за мене… некои дури ме нарекуваа „шестиот пријател“.
Таа додаде дека немало јасна визија за нејзината кариера, ниту очекувања за нејзиниот успех.
Иако постоела желба да се фокусира на романтични комедии, Кудроу остана верна на својот комичен израз. Во 1998 година, таа освои Еми за најдобра споредна женска улога, а се појави и во филмот „Analyze This“ заедно со Роберт Де Ниро и Били Кристал.
Подоцна продолжи да ја гради својата кариера преку проекти како што е серијата „The Comeback“, која стекна култен статус и неодамна доби и нова сезона.