ЖЕНИТЕ УСПЕШНО СЕ ОТКАЖУВААТ ОД ЦИГАРИ СО НИКОТИНСКИ ЌЕСИЧКИ Кај нас се ограничува пристапот до нив

Мнозинството жени (поранешни кориснички на цигари) ги позиционирале никотинските ќесички како најефикасно средство за помагање во откажувањето од пушење, покажало истражување во Шведска.

189

Зошто на жените им е потешко да ја надминат зависноста од користењето на цигари е една од темите за кои се спроведени бројни студии, а една од поновите доаѓа од Универзитетот Јеил. Во таа студија се наведува дека предизвикот со лишувањето на цигари кај жените започнува уште од првиот ден. Како што пишува научничката Шери Мек Ки, која на Јеил се занимава со истражување на влијанието на пушењето врз жените и ефикасните третмани за откажување од оваа зависност, во одлуката за пушење цигари силно влијание имаат емоциите.

Според студијата, уште од самиот почеток на откажувањето, жените полесно ќе посегнат повторно по цигара во случај на проблеми и негативни емоции, а во овој потег и хормоните исто така играат улога. Се наведува дека нивоата на естроген, кои се менуваат во зависност од фазата на менструалниот циклус, влијаат на перцепцијата и желбата за никотин. Понатаму, како уште еден важен заклучок и препорака, се потенцира дека помагалата за откажување од пушење не делуваат на ист начин кај жените како што делуваат кај мажите пушачи.

„Експертите не знаат зошто заменската никотинска терапија (фластери, гуми за џвакање, инхалатори, спрејови) е помалку ефикасна кај жените. Една од теориите е дека жените го метаболизираат никотинот побрзо од мажите, а снимањето на мозокот (радиолошки тестови) покажа дека рецепторите за никотин во мозокот функционираат различно кај жените, што влијае на ефикасноста на заменската никотинска терапија“, пишува Мек Ки.

Додека македонските здравствени власти со најавениот Закон за заштита од пушење планираат силно да го ограничат пристапот до никотинските ќесички, едно од последните шведски истражувања откри огромна улога на никотинските ќесички како ефикасно средство за лишување од цигари. Она што самите Швеѓани го откриваат денес е неоспорната улога на никотинските ќесички во намалувањето на бројот на пушачи, првенствено кај жените. Ова е тема што ја покрена извештајот на организацијата „Smoke free Sweden“, глобална мрежа што ги обединува експертите за јавно здравје од повеќе од 35 земји.

Студијата за најефикасните средства и алатки за откажување од пушење вклучила речиси 900 испитаници, поранешни пушачи. Намерата била да се откријат најчесто користените методи кои им помогнале на пушачите да ја излечат оваа зависност. Истражувањето ја покажало претходно непрепознаената улога на никотинските ќесички. Имено, мнозинството жени (поранешни кориснички на цигари) ги позиционирале никотинските ќесички како најефикасно средство за помагање во откажувањето од пушење. На скала со максимум десет поени, никотинските ќесички биле оценети со 8,2, што е трипати поуспешно од користењето на вејп и 56 проценти повисоко од никотинските гуми за џвакање.

Во извештајот се вели дека ефикасноста на никотинските ќесички не била позната сè додека тие не биле воведени како посебна категорија на никотински производи во шведската национална статистика. Оттогаш, во 2016 година, тие помогнале „да се забрза падот на стапките на пушење кај двата пола, со зголемување од речиси 200 проценти на стапката на откажување од пушење кај жените“.

„Успехот на Шведска не е резултат на политики на забрана или на апстиненција, туку на храбар и прагматичен пристап кон намалување на штетите. Доказите се јасни: никотинските ќесички се ефикасни, општествено прифатливи и најефикасно оружје против пушење достапно денес. За владите ширум светот, тие претставуваат моќна здравствена алатка“, се вели во извештајот, кој ги анализира резултатите од анкетата во контекст на намалувањето на стапките на пушење во земјата за 54 проценти од 2012 година.

Професорот од Универзитетот во Франкфурт, Хајно Штовер истакнува дека податоците со години покажуваат дека на жените им е потешко да се ослободат од зависноста од цигари, што ги прави овие податоци уште поважни.

„Доколку другите земји сакаат да го постигнат успехот на Шведска во спасувањето на животи, тие мора да ги прифатат алатките што го прават откажувањето од пушење достапно и одржливо. Тие треба да ја стават науката пред идеологијата“, пишува професорот Штовер во извештајот.

Здравствените работници од регионот велат дека со години гледале како поединци развиваат болести кои можеле да бидат предвидени, но не можеле да ги спречат пациентите во тоа, затоа што тие не сакале или не можеле да престанат да пушат.

„Еден ден слушнав за пристапот за „намалување на штетата од пушење“. Мојата прва реакција беше: „Какво намалување на штетата? Тие само треба да престанат да пушат и тоа е тоа. Да се намали штетата целосно“. Но, потоа размислував за тоа. Колкумина престанаа да пушат во моите 20-ина години убедување, молење, расправии? Може ли да избројам повеќе отколку што имам прсти на едната рака? Тешко“, вели доктор Лилјана Ценан, хрватски специјалист по јавно здравје.

Докторката нагласува дека во Хрватска постоел информациски вакуум за новите алтернативни никотински производи како што се никотинските ќесички и концептот за намалување на штетата од пушењето, но пронашла информации на веб-страниците на релевантните институции за јавно здравје и владини институции во многу други земји.

„Експертите се поделени. Некои ги оспоруваат научните докази, а други веруваат во доказите дека новите производи се помалку штетни од конвенционалните цигари, но веруваат дека овие нови производи не се користеле доволно долго за да се видат сите нивни штетни ефекти, особено оние што се јавуваат по децении употреба. И се прашувам дали треба да чекаме 20, 30 или повеќе години за докази дека нешто може да биде поштетно отколку што изгледа, и со тоа да ги лишиме сите оние кои би имале корист од овие производи (во форма на помош при откажување од пушење)? Што ако не се покажат долгорочни штетни ефекти? Што е со сите оние кои ќе се разболат и ќе умрат во меѓувреме од пушење конвенционални цигари?“, прашува докторката Ценан.

Таа заклучува дека престанувањето со пушење е најздравата одлука за пушачите, но сепак, за оние кои не можат или не сакаат да се откажат, потребни се други решенија, помалку штетни алтернативи.

Поврзани содржини