Правдата не е слепа – таа препознава „свои“

Се поставува едно едноставно, но непријатно прашање: дали судиите кои ја донеле оваа одлука воопшто се запрашале колку други осуденици се однесуваат примерно, а сепак остануваат зад решетки без шанса за условен отпуст? Или тие случаи едноставно не се гледаат затоа што не припаѓаат на истиот круг?

1,129

Случајот со условниот отпуст на поранешниот судија Наќе Георгиев не е само уште еден доказ за тоа како функционира нашето судство, туку дијагноза на систем што одамна престанал да се коригира и почнал да се штити сам себе. Кога ваква одлука се поврзува со највисоките судски инстанци, вклучително и Врховен суд на Република Македонија, веќе не станува збор за пропуст. Станува збор за модел на однесување.

Судиите со години бараат доверба од граѓаните, повикуваат на почит и се кријат зад зборот „независност“. Но независност без одговорност не е принцип, туку алиби, и тоа алиби зад кое удобно се кријат кога треба да си подадат рака меѓу себе.

Кога судија ќе биде фатен во мито, тоа не е „грешка“. Тоа е свесно газење на функцијата и дадената доверба. Во нормален систем, тоа значи примерна казна и јасна порака. Кај нас, значи простор за попуст.

И тука паѓа маската: истите тие судии што знаат да бидат немилосрдни кон обичниот човек, одеднаш стануваат флексибилни, разбирливи и „хумани“ кога пред нив стои нивен колега. Тоа не е случајност, туку двоен аршин во чиста форма.

Можеби, и најверојатно, во овој случај сè е формално законски. Но проблемот не е во постоењето на условниот отпуст, туку во начинот на кој се применува. Кога станува збор за влијателни и „свои“ луѓе, критериумите очигледно се толкуваат пошироко, аргументите како здравје, возраст или примерно однесување полесно поминуваат, а одлуките оставаат впечаток дека и кога се во рамки на законот, не се во рамки на правдата и правичноста. И токму тука е најопасното: кристално јасна слика и недвосмислено чувство дека системот е формално еднаков, но практично селективен.

Од правен аспект, во случајов сè изгледа чисто, но морално отвора сериозни дилеми, кои во јавноста се претвораат во нешто многу поконкретно, во ерозија на довербата. А без доверба, секој систем почнува да го губи својот легитимитет. Законот во вакви случаи не служи како инструмент на правда, туку како параван за привилегија. Се витка кога треба да се заштити „свој“, а се затега кога пред системот стои обичен граѓанин.

Се поставува едно едноставно, но непријатно прашање: дали судиите кои ја донеле оваа одлука воопшто се запрашале колку други осуденици се однесуваат примерно, а сепак остануваат зад решетки без шанса за условен отпуст? Или тие случаи едноставно не се гледаат затоа што не припаѓаат на истиот круг?

Ова не е само лоша одлука. Ова е порака дека системот не само што не се прочистува, туку активно се брани од одговорност. Дека постои затворен круг во кој правилата се толкуваат поинаку и дека таа привилегија не е случајна, туку структурна.

Рејтингот на судството не го руши перцепцијата. Го рушат одлуките што ги носат судиите. Тој паѓа затоа што граѓаните веќе не веруваат во она што го гледаат. Гледаат систем што не казнува еднакво, туку селективно, и извлекуваат единствен логичен заклучок: правдата не е слепа, таа многу добро гледа кој стои пред неа.

И тука е најболното: за мнозинството граѓани, правдата повеќе не е надеж. Таа е предупредување дека правилата важат само до одредена точка и дека таа точка не е иста за сите.

Затоа, ова не е само случај на условен отпуст. Ова е потсетник дека системот си остава простор за себе. Денес за еден, утре за друг, од ист круг.

И додека тоа останува така, секоја приказна за правна држава звучи како празна фабула. Бидејќи таму каде што правдата е селективна, таа веќе не е правда, туку привилегија за блиските, своите, заштитените и оние што однапред знаат како, со кои начини и средства, да ја заобиколат одговорноста и да избегаат од правдата за стореното.

Вака повеќе не оди. Ние, граѓаните, одамна го знаеме тоа.

Поврзани содржини