АРАГЧИ МУ ПОРАЧА НА СТАРМЕР ДЕКА ГИ СТАВА ЖИВОТИТЕ НА БРИТАНЦИТЕ ВО ОПАСНОСТ Лондон дозволи САД да ги користат британските бази за напади во Иран

Иран ќе го искористи своето право на самоодбрана, објави иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, откако британската влада одобри САД да ги користи воените бази на Велика Британија за напади врз иранските ракетни локации.

391

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, се огласи откако британската влада одобри САД да ги користи воените бази на Велика Британија за напади врз иранските ракетни локации кои се насочени кон бродовите во Ормускиот Теснец.

„Мнозинството од британскиот народ не сака да учествува во никаква израелско-американска војна против Иран. Игнорирајќи го сопствениот народ, г-дин Стармер ги става британските животи во опасност, дозволувајќи британските бази да се користат за агресија против Иран. Иран ќе го искористи своето право на самоодбрана“, напиша Арагчи на социјалната мрежа Икс.






Британските министри се состанаа денеска за да разговараат за војната со Иран и за блокадата на Ормускиот Теснец од страна на Иран.

„Тие потврдија дека договорот што им дозволува на САД да користат британски бази во колективната самоодбрана на регионот вклучува американски одбранбени операции за ослабување на ракетните позиции и можностите за напад врз бродовите во Ормускиот Теснец“, се вели во соопштението на британската влада.

Премиерот Кир Стармер претходно оваа недела изјави дека Велика Британија нема да биде вовлечена во војната со Иран. Тој првично го отфрли барањето на САД да користи британски бази за напад врз Иран, велејќи дека треба да биде сигурен дека секоја воена акција е легална.

Но, Стармер го промени својот став откако Иран ги нападна британските сојузници низ Блискиот Исток и рече дека САД би можеле да ги користат базите Ферфорд и Диего Гарсија, американско-британски бази во Индискиот Океан.

Американскиот претседател Доналд Трамп постојано го напаѓа Стармер од почетокот на конфликтот, жалејќи се дека не прави доволно за да помогне.

Поврзани содржини