НОВА ВОДОВОДНА МРЕЖА ВО БИТОЛА Жителите на Мал Париз добија посигурно водоснабдување

Заменета е старата водоводна мрежа на улицата Даме Груев во битолската населба Мал Париз, со што се очекува постабилно водоснабдување и помалку дефекти.

711

Жителите на населбата Мал Париз во Битола добија реконструирана водоводна мрежа на улицата Даме Груев, откако екипите на ЈКП „Водовод Битола“ успешно го завршија проектот.

Во рамки на зафатот, старата водоводна линија е целосно заменета со нова полиетиленска мрежа во должина од 634 метри, а поставени се и 68 нови приклучоци за домаќинствата. Со реконструкцијата се очекува значително подобрување на сигурноста во водоснабдувањето и поефикасно функционирање на системот.

Од претпријатието велат дека ова е дел од поширок план за модернизација на инфраструктурата и намалување на загубите на вода.

„Со замената на дотраената мрежа директно ги намалуваме дефектите и губитоците во системот. Наш приоритет е граѓаните да имаат стабилно и квалитетно водоснабдување, а инвестициите ќе продолжат и во наредниот период“, истакнуваат од ЈКП „Водовод“ Битола.

Надлежните најавуваат дека реконструкциите на водоводната мрежа ќе продолжат и на други локации во градот, согласно планираната динамика.

Поврзани содржини