ОД БОРБА ЗА ЖИВОТ ДО ПРВ РОДЕНДЕН Малиот гибон Мики слави во скопската Зоолошка

Зоолошката градина Скопје организира на 19 март организира прослава за првиот роденден на гибонот Мики. Преку прославатa, како што посочуваат, сакаат да ја споделат неговата инспиративна приказна со јавноста, но и да потсетат оти гибоните се загрозен вид, кој има потреба од заштита.

232

Посебна и емотивна прослава, прв роденден на малиот гибон Мики во скопската Зоолошка градина – најавија денеска од установата на „Фејсбук“. Зоо Скопје на 19 март ќе го прослави неговиот роденден.

„Приказна што почна тешко, но заврши со надеж, љубов и среќен крај. Мики како бебе, на возраст од неколку месеци, беше отфрлен од мајката и се соочи со сериозни повреди на главата и епилептични напади. Во овие најкритични моменти неговиот живот зависеше од човечка грижа, посветеност и борба. Нашата зоонегувателка Зера 24 часа дневно беше покрај него, со мала помош од колешките дадилки, без ниту еден момент да остане сам. Со многу љубов, трпение и стручна грижа, Мики денес е здраво, активно и разиграно младо гибонче“, пишува во објавата.






Преку прославата, како што посочуваат, сакаат да ја споделат неговата инспиративна приказна со јавноста, но и да потсетат оти гибоните се загрозен вид, кој има потреба од заштита.

„Истовремено, сакаме јасно да укажеме дека мајмуните не се домашни миленици, а човечката грижа во случајот на Мики беше единствена шанса за негов опстанок. Овој настан е и можност да им оддадеме искрено признание и благодарност на сите што беа дел од неговото спасување, но најмногу на нашата колешка Зера за нејзината неверојатна пожртвуваност, како и на целиот тим, кој учествуваше во неговото лекување, рехабилитација, социјализација и секојдневна грижа“, се додава во објавата.

Зоолошката градина ги повикува заинтересираните да го запознаат Мики, кој сега бил успешно ресоцијализиран и живее заедно со својата сестра Делфина.

„Се гледаме кај летниковецот пред мајмунарницата в четврток во 12 часот“, порачаа од Зоолошката.

Поврзани содржини