ИРАНЦИТЕ СЕ ДОБРЕДОЈДЕНИ НА МУНДИЈАЛОТ Трамп дозволил Иран да игра на Светското фудбалско првенство
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, изјави дека Доналд Трамп потврдил оти иранската репрезентација ќе може да учествува на Светското првенство во 2026 година, и покрај актуелните политички тензии.
Репрезентацијата на Иран ќе може да настапи на Светското првенство во 2026 година, и покрај растечките политички тензии, откако претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, потврдил дека иранскиот тим е „секако добредојден“ на турнирот.
Ова го изјави претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, кој откри дека за ова прашање разговарал директно со американскиот претседател.
– Се сретнав со претседателот Трамп и разговаравме за учеството на Иран. Тој јасно кажа дека иранската репрезентација е добредојдена да игра на Светското првенство – изјавил Инфантино, пренесува Политико.
Светско првенство во фудбал 2026 ќе се одржи во три држави – Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико, а Иран веќе обезбеди пласман на турнирот.
Според планот, иранската селекција треба да одигра три натпревари од групната фаза во Лос Анџелес и Сиетл.
Сепак, учеството на тимот во последните недели беше доведено во прашање поради ескалацијата на конфликтот меѓу Соединетите Американски Држави и Иран.
Пред околу десет дена, администрацијата на Доналд Трамп, заедно со израелски сојузници, започна воена офанзива против Иран, која вклучуваше воздушни напади. Одговорот од Техеран следеше со напади со беспилотни летала и ракети во регионот.
И покрај политичките тензии, сигналот од Вашингтон сугерира дека спортот засега нема да биде мешан со геополитичките конфликти.