ЕВРОПСКИ ГИГАНТИ ВО БИТКА ЗА ТРЕТО МЕСТО Франција и Англија го бараат последниот медал на Мундијалот

Двете европски селекции ќе се соочат на стадионот „Хард Рок“ во Мајами, откако беа елиминирани во полуфиналето од Шпанија и Аргентина.

0

Репрезентациите на Франција и Англија ќе се борат за третото место на Светското фудбалско првенство 2026 година. Натпреварот ќе се одигра на стадионот „Хард Рок“ во Мајами, со почеток во 23 часот по македонско време.

Дуелот ќе биде ново поглавје во долгото ривалство меѓу двете европски фудбалски сили. Франција и Англија досега одиграле 32 меѓусебни натпревари, а подобар биланс има англиската репрезентација.






„Гордиот Албион“ славел на 17 средби, Франција има 10 победи, додека пет натпревари завршиле без победник. Гол-разликата е 72:41 во корист на Англија.

На светските првенства двете селекции се сретнале трипати. Англија победи на Мундијалите во 1966 година со 2:0 и во 1982 година со 3:1, додека Франција беше подобра во последната пресметка во 2022 година, кога славеше со 2:1.

Франција до мечот за третото место стигна откако го освои првото место во групата во конкуренција на Норвешка, Сенегал и Ирак. Во елиминациската фаза „триколорите“ ги совладаа Шведска, Парагвај и Мароко, но во полуфиналето беа запрени од Шпанија.

Англија, пак, групната фаза ја заврши како првопласирана во групата со Хрватска, Гана и Панама. Во нокаут-фазата Англичаните беа подобри од ДР Конго, Мексико и Норвешка, пред во полуфиналето да загубат од Аргентина.

За двете селекции натпреварот во Мајами ќе биде можност барем со бронзен медал да го завршат настапот на Мундијалот.

Големото финале на Светското првенство 2026 е закажано за утревечер од 21 часот, а за титулата ќе се борат Шпанија и Аргентина.

Поврзани содржини