ИМА ЗНАЧИТЕЛЕН НАПРЕДОК ВО ИНДИРЕКТНИТЕ ПРЕГОВОРИ МЕЃУ САД И ИРАН Следуваат консултации во Вашингтон и во Техеран, па нова рунда разговори

Шефот на дипломатијата на Оман, Бусаиди најави дека следната недела во Виена, каде е седиштето на Меѓународната агенција за атомска енергија, ќе се одржат разговори на техничко ниво.

102

На индиректните преговори меѓу САД и Иран e постигнат значителен напредок, изјави шефот на оманската дипломатија Саид Бадр бин Хамад бин Хамуд ал Бусаиди по завршувањето на разговорите во Женева.

Тој најави дека наскоро ќе има нова рунда преговори, по консултациите во Вашингтон и во Техеран.






Медијаторот Бусаиди посочи и дека следната недела во Виена, каде е седиштето на Меѓународната агенција за атомска енергија, ќе се одржат разговори на техничко ниво.

Денешните преговори за иранската нуклеарна програма во Амбасадата на Оман во Женева траеја околу 3 часа.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи претходно изјави дека денеска „беа презентирани важни и практично применливи предлози за нуклеарните прашања и за укинувањето на санкциите“.

Тој додаде дека разговорите се одвиваат интензивно и со сериозен тон.

– Двете делегации мора да се консултираат со своите главни градови – рече Багаи.

Разговорите почнаа утрово, па беа прекинати неколку часа. Во тој период, претставниците на САД,Стив Виткоф и Џаред Кушнер се сретнаа со украинските претставници.

Освен министерот за надворешни работи на Оман, во денешните консултации учествувапе и генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси.

Пред преговорите „Волстрит џурнал“ објави дека Стив и Кушнер најверојатно ќе побараат Техеран да ги демонтира трите нуклеарни постројки во Фордо, Натанц и во Исфахан и да го испорача целиот збогатен ураниум.

Весникот наведе и дека Виткоф и Кушнер, под притисок на „јастребите“ во американската администрација и републиканците во Конгресот, во преговорите за иранската нуклеарна програма ќе настапат со остри барања.

Американските барања уследија откако американскиот претседател Доналд Трамп во говорот за состојбата на нацијата го предупреди Иран да не продолжува да развива нуклеарно оружје и балистички ракети, кои би можеле да погодат цели во САД.

Советникот на иранскиот ајатолах Али Шамкани денеска рече дека е можен договор со САД доколку преговорите се насочат само на обврската на Техеран да не развива нуклеарно оружје.

– Доколку главното прашање на преговорите е да се спречи Иран да произведува нуклеарно оружје, што е во согласност со фатвата на врховниот лидер и одбранбената доктрина на Иран, постигнувањето договор е на дофат – објави Шамкани на платформата Икс.

Тој додаде дека иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, кој ги води преговорите во Женева во име на Техеран, има „доволна поддршка и авторитет за да обезбеди таков договор“.

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи претходно издаде религиозен декрет, со кој се забранува развојот на нуклеарно оружје, на што Техеран се повикува во меѓународните разговори за неговата нуклеарна програма

Иран инсистира на своето право да збогатува ураниум, а САД се залагаат за нулта збогатување.

Поврзани содржини