ДОАЃА КАМПАЊА „ДА КУПУВАМЕ ЕВРОПСКО“ Дали ЕУ се врти кон протекционизам?
Од Брисел го претставуваат потегот како европски одговор на американската политика „Купувај американско“, но за разлика од Вашингтон, ЕУ мора да ги усогласи интересите на 27 економии и да ги почитува правилата на Светската трговска организација.
Планот на Европската комисија „Да купуваме европско“ се оценува како најголем пресврт во индустриската политика на Унијата во последните децении, но и како сложен и ризичен потег. Акцискиот план „Една Европа, еден пазар“ треба да биде претставен на самитот на ЕУ во март и има цел да го доврши единствениот пазар до 2027 година, насочувајќи ги јавните набавки и субвенциите кон производство во рамки на ЕУ – особено во одбраната, чистите технологии, чиповите, хемиската и автомобилската индустрија.
Од Брисел го претставуваат потегот како европски одговор на американската политика „Купувај американско“, но за разлика од Вашингтон, ЕУ мора да ги усогласи интересите на 27 економии и да ги почитува правилата на Светската трговска организација.
Економистот Гунар Волф од Слободниот универзитет во Брисел смета дека во одбраната постои јасна логика за ваков пристап.
– Имаме корист од американското оружје, но таквите набавки нè прават ранливи на геополитичко влијание. Кога станува збор за тврда безбедност, има причина повеќе да се купува европско. Стратешка автономија значи да имате технологија произведена во Европа, инаку ќе зависите од други актери – вели Волф.
Но, тој предупредува дека проширување на истиот принцип во сите сектори може да биде опасно.
– Мора да бидеме внимателни ова да не се претвори во протекционизам. Ако ја штитите индустријата од секоја конкуренција, ќе добиете помалку иновации и послаб раст – нагласува Волф.
Професорот по право Алберто Алемано од универзитетот ХЕЦ во Париз укажува дека ЕУ во многу области нема сопствена индустриска база и синџири на снабдување.
– Целосно фаворизирање на европските компании само ќе ги зголеми трошоците. Предноста може да се оправда само во вистински стратешки сектори, и тоа врз основа на строга анализа, а не врз политичка погодност – оценува Алемано.
Поделбите веќе се видливи: Франција се залага за строги правила за европска содржина во производството, додека Германија поддржува пофлексибилен пристап „Произведено со Европа“, што би ги вклучил и партнери како Канада, Обединетото Кралство и Норвешка. Помалите, извозно ориентирани земји стравуваат дека тие ќе ги сносат трошоците, а најголем бенефит ќе имаат големите економии.
Директорот на Европскиот центар за меѓународна политичка економија, Фредрик Ериксон, предупредува на практичните ризици.
– Ако ги зголемите трошоците за увозни компоненти, ќе ја зголемите и цената на европскиот извоз. Европа извезува повеќе стратешки производи отколку што увезува, па ако ги исклучиме партнерите, тие можат да возвратат – вели Ериксон.
Според најавите, предлогот ќе се однесува на избрани стратешки сектори и ќе предвиди праг од 60 до 80 проценти додадена вредност создадена во ЕУ, со исклучоци за доверливи партнери. Иако политички договор начелно постои, техничките детали сè уште не се разработени.