ПРЕД РЕЧИСИ 3 МЕСЕЦИ Е ОТФРЛЕНА ТУЖБАТА НА ЖЕРНОВСКИ Митева му порача дека „управувањето“ со судовите е пракса од времето на СДСМ

Нападите дека некој „управува“ со судовите потекнуваат од нивната долгогодишна пракса на такво практицирање, тоа време заврши. Јас нема да учествувам во нивната игра на креирање лажни скандали, порача портпаролката на Владата Марија Митева.

266

Пред речиси три месеци е донесено решение со кое тужбата на Андреј Жерновски е отфрлена, а барањето за надомест на штета е одбиено како неосновано. Тоа е правната реалност. Сè друго е свесна манипулација со јавноста.

Ова го напиша портпаролката на Владата Марија Митева денеска на нејзиниот профил на Фејсбук откако Жерновски синоќа во заедничко ТВ гостување ја нападна дека однапред ја знаела пресудата.






„За разлика од СДС, ниту некогаш сум манипулирала, ниту ќе манипулирам со граѓаните. Мојот збор има тежина и е прашање на кредибилитет и личен интегритет. Токму затоа е очигледно дека ваквиот тотално паничен настап произлегува од страв, страв од одговорност, страв од вистината и страв од прашањата на кои сè уште немаат одговор. Нападите дека некој „управува“ со судовите потекнуваат од нивната долгогодишна пракса на такво практицирање, тоа време заврши. Јас нема да учествувам во нивната игра на креирање лажни скандали. Ќе продолжиме да инсистираме на владеење на правото, институционална одговорност и целосна транспарентност. Граѓаните гледаат кој нуди факти. Политиката мора да се води со интегритет, а не со конструкции и лаги!“, напиша Митева.

Таа додаде дека со жалење ја следи, како што вели, паничната и хистерична реакција на Жерновски и СДСМ.

„Интегритетот на Жерновски во македонската политика, кој смени едно чудо партии, е еднаков на една стара витрина со пајажина, заборавена и надмината со времето. Го ставија во партиски тела за да се натпреварува кој ќе фрли повеќе кал, тоа е спорт омилен за мал дел од политичката елита на СДС.
Обидот да конструира наратив за ‘скандал’ претставува класичен пример на политичка дезориентација и дефокус од суштинските прашања. Кога аргументите изостануваат, остануваат инсинуациите. Кога немаат одговори, продуцираат магла. Јас секогаш стојам на кажаното. Фактите се јасни“, нагласува Митева.

Поврзани содржини