КОАЛИЦИЈАТА НА РУМЕН РАДЕВ ЌЕ ПОБЕДИ НА ИЗБОРИТЕ ВО БУГАРИЈА Анкета покажа дека втора е партијата на Бојко Борисов
Доколку изборите се одржат сега, коалицијата околу Румен Радев би добила 25,6 отсто од гласовите на оние кои одговориле дека ќе гласаат. На второ место е ГЕРБ на Бојко Борисов, со 15,4 проценти, а на трето место е коалицијата „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ со 12,5 отсто, покажа анкетата на агенцијата „Маркет линкс“.
Првото истражување на јавното мислење во Бугарија откако поранешниот претседател Румен Радев поднесе оставка и најави учество на превремените парламентарни избори покажува дека коалицијата околу него ќе победи на изборите, но ќе нема убедливо водство.
Доколку изборите се одржат сега, коалицијата околу Румен Радев би добила 25,6 отсто од гласовите на оние кои одговориле дека ќе гласаат. На второ место е ГЕРБ на Бојко Борисов, со 15,4 проценти, а на трето место е коалицијата „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ со 12,5 отсто.
Анкетата ја спроведе агенцијата „Маркет линкс“, а резултатите се презентирани денеска.
Потоа следува партијата на Дељан Пеевски, ДПС – Нов почеток, која би добила 10,5 отсто од гласовите, па националистичката партија Преродба со 4,5 проценти.
Партиите што моментно се застапени во парламентот, БСП, АПС, МЕЧ и Величие, остануваат под бариерата од 4 проценти за влез во парламентот.
Кабинетот во оставка со премиерот Росен Жељасков има два пати пониско ниво на јавна доверба во споредба со првиот месец од неговиот мандат.
Довербата во Румен Радев по напуштањето на претседателската функција се зголеми за 7 отсто.
Анкетата е спроведена на 1.019 лица над 18 години во периодот од 7 до 13 февруари 2026 година.
Поддршката за членство во ЕУ и во НАТО останува доминантна, но се забележува и зголемување на ставовите кон напуштањето на овие сојузи, особено на ЕУ.
Радев најави дека најдоцна до 4 март, тој и неговиот тим ќе поднесат коалиција за регистрација до Централната изборна комисија. Тој објасни дека нема време за создавање партија за учество на претстојните избори.
– Ќе учествуваме на овие избори како коалиција со други партии кои имаат редовна регистрација – најави Радев.