СТРУШКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ОФОРМИ ПРЕДМЕТ ЗА ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ Од чешмите тече темнокафеава вода
Издадена е наредба да се изврши увид на локација во селото Шум, каде се наоѓаат изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата, соопшти Јавното обвинителство.
„Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена е наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење. При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје. Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки“, соопшти Обвинителството.
Водата од водоводот во Струга е заматена речиси цела недела. Од чешмите тече темнокафеава вода, а анализите покажаа дека заматеноста е дури 30 пати над дозволеното. Водата е прогласена за технички неисправна и не смее да се користи ниту за пиење, ниту за готвење, ниту за лична хигиена. Директорот на ЈП „Водовод“ Меџијаит Јусуфоски вчера поднесе оставка од морални причини.