ПРЕДМЕТОТ МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК И КУЛТУРА ЌЕ СЕ ИЗУЧУВА ВО УШТЕ ЕДНО УЧИЛИШТЕ ВО ХРВАТСКА Го учат 108 ученици во 8 основни училишта и во 3 гимназии

Иницијативата е на професорката по македонски јазик Ивана Брезовец, која овој предмет веќе го предава во Првата гимназија во Загреб и е претседателка на македонското културно друштво „Охридски бисер“ во Загреб.

1,098

Во хрватскиот град Света Недела, во близина на Самобор, свечено беше одбележан почетокот на наставата по изборниот предмет Македонски јазик и култура. Иницијативата е на професорката по македонски јазик Ивана Брезовец, која овој предмет веќе го предава во Првата гимназија во Загреб и е претседателка на македонското културно друштво „Охридски бисер“ во Загреб.

– Со поддршка од Заедницата на Македонците во Република Хрватска и од претставничката на македонското национално малцинство во Загрепската жупанија, Лена Ѓапиќ, како и со помош од Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска дојде до реализација и почеток на програмата. Присутните на почетокот на наставата сведочеа за детски насмевки и исполнети желби на најмладите кои уште од почетокот на учебната година со нетрпение го очекуваа тој ден. Самата желба е произлезена од синовите на професорката Брезовец и пријателите што ги имаат во нивното училиште, што е доказ дека во обичните животи на Македонците во дијаспората може да се случат убави и важни настани – соопшти Иван Антоновски, професор од Филолошкиот факултет на УКИМ.






На работен состанок кој се одржал минатата недела во училиштето во Света Неделал присуствувале и амбасадорот во Хрватска, Драган Ѓурчевски, советничката за култура и директорка на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска и началникот на Секторот за малцинства при Министерското за наука, образование и млади на Хрватска, Милан Вукелиќ.

– Домаќини на настанот беа директорот на подрачното училиште „Стрмец“, Звонимир Маркиќ, кој со голема радост ја прифати идејата од самиот почеток, градоначалникот на Света Недела, Дарио Зуровец, заменик-градоначалникот Марио Пшеничњак и советничката за односи со јавноста, Ања Блажина Болјевиќ. Вукелиќ на состанокот нагласи дека Министерството за наука, образование и млади на Хрватска континуирано го поддржува образованието на јазикот и писмото на националните малцинства бидејќи е начин на кој се создава инспиративна средина каде што слободно учиме едни за други и едни од други – информира Антоновски.

Предметот Македонски јазик и култура во Хрватска го учат 108 ученици во осум основни училишта во Загреб, Дуго Село, Стрмец, Риека, Осиек, Пула и Сплит и во три гимназии во Загреб, Риека и Осиек. Предметот го учат припадници на македонското национално малцинство, како и други ученици, изборен е и се внесува во свидетелствата на учениците.

Поврзани содржини