ПРЕТСЕДАТЕЛЕ, НИЕ ГИ ПОСТАВУВАМЕ УСЛОВИТЕ Орбан го прекина сонот за Украина во ЕУ до 2027 година
Унгарскиот премие јавно му порача на украинскиот претседател дека условите за членство ги поставуваат земјите-членки, а не кандидатите. Украина бара точен датум за влез во ЕУ до 2027 година, додека Унгарија предупредува на безбедносни ризици и можен нов европски судир.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан јавно му порача на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека правилата за членство во Европска Унија ги диктираат земјите-членки, а не кандидатите. Изјавата дојде откако Зеленски најави амбициозна цел изјавувајќи дека Украина сака да биде технички подготвена за пристапување до 2027 година.
Орбан возврати без дипломатска ракавица.
„Претседателе, вие сте на погрешен пат. Пристапувањето кон ЕУ е процес базиран на заслуги. Земјите-членки ги поставуваат условите, а не земјите-кандидатки“, напиша Орбан во објава упатена до Зеленски.
Зеленски претходно изјави дека е „важно Украина да направи сè за да биде технички подготвена за пристапување кон ЕУ до 2027 година. Барем ќе ги завршиме главните чекори“.
Тој додаде дека Украина „сака точен датум“, бидејќи без датум, Русија ќе ја искористи ситуацијата.
Орбан, пак, предупреди на опасност од проширување во услови на војна.
– Зеленски отворено бара членство во ЕУ до 2027 година и го третира тоа како гаранција за воена безбедност, додека украинските воени лидери упатуваат остри закани кон Унгарија. Пристапувањето на Украина во ЕУ нема да донесе мир, туку војна во Европа – рече Орбан.
Во трета порака тој заостри уште повеќе.
– Унгарија нема да финансира, вооружува или легитимира закана за сопствената безбедност – порача унгарскиот премиер.