РИТУАЛНИ УБИСТВА, САМОУБИСТВА ИЛИ НЕШТО УШТЕ ПОЛОШО? Твин Пикс може вода да му носи на злосторството што ја потресе Бугарија
Вакво нешто не сум видел во својата кариера. Работиме со сите можни верзии – од масовно убиство, преку убиство проследено со самоубиство, до групно самоубиство – рече Васков, нагласувајќи дека ниту една хипотеза не е исклучена.
Шесткратното убиство или групно самоубиство, што ја потресе бугарската и регионалната јавност, сè уште е мистерија за органите на прогонот, кои проверуваат дали станува злосторот е дело на култ или секта, која функционирала зад параванот на невладина еколошка организација. Бугарското Министерство за внатрешни работи за денеска најави брифинг или прес-конференција на која ќе ги соопшти првите наоди од истрагата.
Два планински реони, една затворена група
Случајот што ја вознемири Бугарија се однесува на шест безживотни тела пронајдени на две оддалечени, но меѓусебно поврзани локации во западниот дел од земјата – во реонот на планинскиот превој Петров Хан и во близина на планината Околчица. Уште од првите часови по откривањето, истражителите предупредија дека станува збор за исклучително сложен настан, со повеќе можни сценарија и без брзи одговори.
Во првиот случај, полицијата пронашла три тела во запалена планинска колиба кај Петров Хан. Објектот бил речиси целосно уништен од пожар, а кај жртвите биле утврдени прострелни рани. Загинатите биле идентификувани како Ивајло Иванов (49), Дечо Василев (45) и Пламен Статев (51). Истражителите утврдиле дека пожарот бил намерно подметнат, што дополнително ја усложнило реконструкцијата на настаните.
Кампер кај Околчица и малолетна жртва
Неколку часа подоцна, истрагата добила нов и уште потежок пресврт, кога биле пронајдени уште три тела во кампер-возило во реонот на планината Околчица. Во возилото биле Ивајло Калушев (22), Николај Златков (возраста не е наведена) и 15-годишно момче, чиј идентитет не се објавува поради возраста. Според полицијата, и кај овие жртви биле констатирани прострелни рани.
Присуството на малолетно лице го засили шокот во јавноста и отвори сериозни прашања за природата на односите во групата и околностите под кои момчето се нашло во кампот заедно со возрасни лица. Истражителите потврдија дека сите шест жртви се познавале и биле дел од иста затворена заедница.
Сомнеж за култ зад параван на еколошка НВО
Во фокусот на истрагата се сомнежите дека групата можеби функционирала како култ или секта, прикриена зад формата на невладина еколошка организација со прозаично и навидум нормално има „Национална агенција за контрола на заштитени подрачја“. Според Министерството за внатрешни работи, засега нема докази за формално регистрирана секта, но се проверува дали станува збор за затворена заедница со сопствени правила и силно внатрешно влијание врз членовите.
Во објектите што ги користела групата била пронајдена религиозна и идеолошка литература, како и симболи што упатуваат на специфични духовни убедувања. Дел од текстовите, според истражителите, содржеле пораки на очај и размислувања за „излез од реалноста“, што ја отвори и хипотезата за групно самоубиство.
„Вакво нешто не сум видел во кариерата“
Директорот на Националната полиција на Бугарија, Захари Васков, изјави дека случајот е без преседан.
– Вакво нешто не сум видел во својата кариера. Работиме со сите можни верзии – од масовно убиство, преку убиство проследено со самоубиство, до групно самоубиство – рече Васков, нагласувајќи дека ниту една хипотеза не е исклучена.
Борислав Сарафов, вршител на должноста главен обвинител на Бугарија, рекол дека случајот е толку „необичен и шокантен“ што може да се спореди со филмската серија Твин Пикс (Twin Peaks) во која истрагата води кон мрачни, паранормални и мистериозни откритија. Она што буди најголеми сомнежи е позицијата во која е најдено телотo на 15-годишното момче – со фатени раце под колената и со испреплетени прсти, што укажува на можен ритуален чин.
Софиската окружна јавна обвинителка Христијна Лулчева соопшти дека се наредени 18 судски вештачења и дека досега биле сослушани 15 сведоци, меѓу кои и роднини и блиски лица на жртвите.
– Истрагата е во рана, но исклучително чувствителна фаза. Секој детал може да биде клучен – истакна Лулчева.
Повеќе прашања отколку одговори
И покрај обемната истрага, остануваат бројни дилеми: дали во групата постоел лидер, дали имало психолошка манипулација, како точно дошло до поделбата на жртвите на две локации и која била улогата на малолетното момче. Засега нема индиции за поврзаност со други слични групи, но и оваа можност се проверува.
Министерството за внатрешни работи за денеска најави брифинг или прес-конференција, на која јавноста очекува први поконкретни одговори – резултати од обдукциите, балистичките анализи и првичните заклучоци за тоа дали Бугарија се соочува со масовно убиство или со редок и вознемирувачки случај на групно самоубиство.
СЕКТА, КОЛИБА И 6 ТЕЛА Бугарија во хорор-истрага што ги шокира обвинителите