ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ НЕ НУДАТ НОВИ ПРЕДЛОЗИ Лавров ја критикува француската дипломатија

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, истакна дека Европските лидери продолжуваат да бараат „да се заврши“ војната, но без конкретни предлози и без стратешки пораз на Русија.

146

Русија одржува контакти со некои европски земји, но нивните лидери не предлагаат ништо ново и бараат овие разговори да останат доверливи, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

– Тие ни се јавуваат и нè замолуваат да не ги објавуваме разговорите. Некои од нив имаат „тајни“ контакти, но ништо што ни го кажуваат во овие доверливи средби не е различно од она што го кажуваат јавно – рече Лавров за Раша тудеј по повод Денот на дипломатите.






Тој истакна дека европската страна продолжува со истите повици за завршување на војната во Украина, но се дистанцирала од повиците за стратешки пораз на Русија.

– Кога сфатија дека сето тоа се илузии, ја сменија својата реторика – додаде Лавров.

Шефот на руската дипломатија ги оцени како несериозни нејасните планови на францускиот претседател Емануел Макрон за неговите контакти со рускиот лидер Владимир Путин.

– Ова е лоша дипломатија. Ако сакате да разговарате за нешто сериозно, јавете се. Рускиот претседател секогаш ќе ги слушне сите предлози. А ако зборуваме за сериозни предлози, можам да ве уверам дека тие нема да останат без конкретен, практичен одговор – рече Лавров.

Француските медиуми вчера објавија дека дипломатскиот советник на Макрон, Емануел Бон, ја посетил Москва со цел да воспостави дијалог меѓу Макрон и Путин, но Кремљ и Елисејската палата ниту ја потврдија, ниту ја негираа информацијата.

На почетокот на јануари, Макрон изјави дека би можел да разговара со Путин во наредните недели, а претходно, во декември, истакна дека би било корисно за Европа да ги обнови контактите со рускиот лидер. Кремљ потврди дека Путин е подготвен за разговор, но тоа треба да биде обид за разбирање на меѓусебните позиции, а не предавање.

Путин и Макрон последен пат разговараа по телефон во јули 2025 година, нивниот прв контакт по три години.

Поврзани содржини