Збунета опозиција

Збунетата опозиција е сериозен проблем за Македонија. Прво, затоа што не ја исполнува својата основна функција – да биде рационален и кредибилен коректор на власта. Наместо тоа, таа војува со логиката, со фактите и со здравиот разум.

176

Отприлика по локалните избори, потпретседателот на Владата, Александар Николовски, јавно побара оставка од позицијата лидер на СДСМ. Во тој момент помислив: не е наша работа да бараме смена во опозициска партија. Дотолку повеќе што ваква дезорганизирана опозиција, објективно, ѝ гарантира удобност на власта.

Да појаснам две работи. Прво, велам „наша“ затоа што сум член на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Второ – денес јасно гледам дека таа мисла била погрешна. Со неа, макар и несвесно, ја ставив партијата пред државата. А тоа е недозволиво. Власта можеби профитира од слаба опозиција, но државата – никогаш.






Не е ниту типично, ниту продуктивно постојано да се напаѓа опозицијата. Но кога таа влегува во отворена опструкција користејќи банални, нелогични и интелектуално навредливи аргументи, тогаш заслужува јавна шлаканица. Да ставам една нужна ограда – шлаканицата е исклучиво политичка. Малку и на ова поле се надразнети.

Во една демократска држава, опозицијата треба да биде критичка, а понекогаш и конструктивна. Нејзината улога е да биде стража на јавниот интерес, коректор на власта и извор на алтернативни решенија. Не да биде „јас оп – ти троп“. Не може, и не смее, однапред да тргне од аксиомата дека сè што доаѓа од власта мора да биде врвно зло.

Што се случува кога опозицијата почнува да се однесува како збунет дел од претстава, кој ги заборавил сопствените реплики? Кога, наместо да ја критикува Владата, го критикува самиот здрав разум? Кога опозицискиот глас го напаѓа интелектуалниот интегритет на секој човек што е способен политички да размислува?

Во Македонија денес го имаме токму тој феномен: збунета и самодеструктивна опозиција.

Проектот „Безбеден град“

СДСМ одби да го поддржи проектот „Безбеден град“, со образложение дека, доколку се изгласа законот, ќе дојде до злоупотреба на камерите. Внимавајте: законот ќе предизвикал злоупотреба. Ова не е политички став. Ова е логичка перверзија. Фактите се едноставни. Камерите веќе постојат. Тие веќе снимаат. Државата веќе има пристап до нив, и тоа во услови на регулаторна празнина. Целата поента на законот е токму спротивното: да се воспостават правила, контроли, ограничувања и гаранции против злоупотреба. Да се тврди дека регулирањето ќе произведе повеќе злоупотреба од нерегулираниот хаос што го имаме сега е, простете, аргумент што звучи како соопштение напишано од „Мехо“ во култниот филм „Бал-кан-кан“, кому му „рендале печурки во хашиш“.

Иронијата е уште поголема ако се има предвид дека Левица го поддржа проектот и активно учествуваше во подобрување на првичниот текст. Од СДСМ очекував сериозна расправа. Површност очекував од Левица. Очигледно, улогите почнуваат да се мешаат.

Додека сме тука… Во истата трка за трофејот „печурки во хашиш“ се вклучи и дел од албанската опозиција. Дел од ДУИ и Алијансата тврдат дека законот бил „против Албанците“. Како точно софтвер за автоматизирано санкционирање сообраќајни прекршоци – врз основа на брзина или регистрација на возило – може да дискриминира по етничка припадност, останува мистерија. Во сообраќајната дозвола не постои графа „етникум“. Освен ако некој смета дека со изјаснување како Албанец автоматски добива дозвола за дивеење по улици.

Заеднички, сите трубат за нарушена приватност. Во време кога секој од нас носи телефон што следи локација, остава дигитален отпечаток на секој чекор, и живее под дронови и сателити – камера за која јасно знаете дека е таму, наводно, ја поткопува приватноста.

Автогол во walking football

Додека се борат со измислени закани, во сопствените редови СДСМ води вистинска војна – против луѓето. Партијата што себеси се доживува како носител на државноста, денес е зафатена од агресивен процес на самораспад.

По повлекувањето и етикетирањето како „предавници“ на фигури како Максим Димитриевски и Бранко Црвенковски, фронтот се прошири кон Јован Деспотовски и Петре Шилегов. Но вистинскиот апсурд не е во чистките. Тој е во фактот што партијата почна да си создава непријатели од медиумите, новинарите и колумнистите кои со години ѝ беа идеолошки блиски.

Круна на оваа ментална конфузија е неодамнешното партиско соопштение во кое СДСМ „открива“ конспиративни врски меѓу кардиохирургот Жан Митрев и премиерот Христијан Мицкоски. Конспирацијата, замислете, не се случила на тајни средби, не преку телефон, не преку партиски канали – туку на турнир во walking football.

Да појасниме: играл тим од клиниката „Жан Митрев“, играл и тим од Унгарија (бидејќи бил домаќин), а овој унгарскиот тим, пак, бил „близок“ со некој друг тим, кој бил близок со Виктор Орбан. „Јеботе Шерлок Холмс“ – со речник со кој ме насмеа Героски пред некое време, за некоја друга опозициска глупост.

Според оваа логика, Жан Митрев не можел да најде контакт со Мицкоски преку илјадници членови на ВМРО-ДПМНЕ, па морал преку пензионерски фудбалски турнир. Тешко е да се процени дали ова е поголемо лудило од тврдењето дека „Безбеден град“ ќе казнувал само Албанци. Тешко е да се оцени чиј би бил трофејот „печурки во хашиш“.

Резиме

Збунетата опозиција е сериозен проблем за Македонија. Прво, затоа што не ја исполнува својата основна функција – да биде рационален и кредибилен коректор на власта. Наместо тоа, таа војува со логиката, со фактите и со здравиот разум. Второ, затоа што паралелно се самоуништува преку внатрешни чистки, теории на заговор и инфантилна реторика.

Демократијата не може да функционира без силна, компетентна и разумна опозиција. Слабата опозиција не ја казнува власта – таа ја ослободува од одговорност. А тоа е опасно.

Мене, како наводен „провладин мегафон“, повеќе ме загрижува удобноста во која може да западне мојата матична партија отколку ваквата опозиција. Затоа што народот може да смени власт која е лоша. Но никој не сака да ја замени со опозиција што се бори против здравиот разум и ја разградува државата одвнатре.

Македонија, едноставно, нема луксуз за таков театар.

Поврзани содржини