ГЕРМАНИЈА ПОВИКУВА НА ЕВРОПА СО ДВЕ БРЗИНИ Шесте најбогати држави треба да ги зајакнат отпорноста и конкурентноста на ЕУ

Германскиот предлог содржи план во 4 точки, кој опфаќа унапредување на унијата на пазарите на капитал, зајакнување на еврото, координација на инвестициите во одбраната и заедничка набавка на суровини.

1,920

Сега е време за Европа со две брзини, изјави германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл на собир одржан денеска во Берлин, во организација на германскиот весник „Ди Велт“.

Министрите за финансии на Германија и на Франција сакаат да ја зајакнат конкурентноста во рамки на Европската Унија преку воведување нов формат што би ги опфатил шесте водечки економии во Унијата, се наведува во писмо на Клингбајл во кое увид имаше агенцијата Ројтерс.






Во писмото, германскиот министер ги повикува партнерите од Франција, Полска, Шпанија, Италија и од Холандија на видеоконференциска средба, со цел изработка на „амбициозна и конкретна програма“ за зајакнување на суверенитетот, отпорноста и конкурентноста на Европа.

Економиите на ЕУ настојуваат да ја намалат зависноста од увоз на критични суровини од земји како Кина, како и да ги ублажат стравувањата дека царините и фрагментацијата на глобалните пазари би можеле да го поткопаат економскиот раст и инвестициите.

„За да опстане во сè понепредвидливата геополитичка ситуација, Европа мора да стане посилна и поотпорна“, напиша Клингбајл во писмото од понеделникот, додавајќи дека статус-кво состојбата не може да биде опција.

Средбата закажана за среда треба да биде само „почеток“, по што се планираат и средби во живо на маргините на следната седница на Еврогрупата.

Писмото содржи план во 4 точки, кој опфаќа унапредување на унијата на пазарите на капитал, зајакнување на еврото, координација на инвестициите во одбраната и заедничка набавка на суровини.

Според Клингбајл, коалицијата мора побрзо да воспостави унија на штедење и инвестиции, за да обезбеди подобри услови за финансирање на европските компании, особено на стартапите и брзорастечките фирми – таканаречените „скалап“ компании.

Еврото, пак, треба да има улога на безбедно засолниште на меѓународната сцена, врз основа на предвидливост и владеење на правото, смета германскиот министер, кој повика на намалување на бирократијата и зајакнување на суверенитетот во платежниот сектор.

Членките, според него, треба подобро да соработуваат и во трошоците за одбраната и да го потврдат нејзиниот приоритет во новиот повеќегодишен буџет на ЕУ.

„Одбраната треба да стане мотор на растот“, нагласи Клингбајл.

Со цел обезбедување стратешки резерви на ретки земни метали, тој предлага засилени напори за јакнење на отпорноста на синџирите на снабдување и поголем стратешки ангажман со меѓународни партнери.

Идејата за „Европа со две брзини“ беше актуелна и во 2017 година, кога тогашниот француски претседател Франсоа Оланд ги повика лидерите на Италија, Германија и на Шпанија на самит во Версај поради миграциската криза, но тогаш наиде на скепса кај поновите членки на Унијата.

Поврзани содржини