КАМИОН СО ОТРОВНА КИСЕЛИНА СЕ ПРЕВРТЕ ВО ГЕРМАНИЈА Предупредување од највисок степен, затворени училиштата и градинките
Возачот е повреден и пренесен во болница, а околу 150 пожарникари и специјализирани екипи работат на запирање на истекувањето. Граѓаните добиле предупредување веднаш да се засолнат во затворени простории и да ги исклучат клима-уредите и вентилацијата.
Камион кој превезувал азотна киселина се превртел во текот на ноќта на автопатот А57, во близина на германскиот град Крефелд, на западот на земјата, при што дошло до истекување на опасната материја. Поради инцидентот, властите издале предупредување за екстремна опасност, а дел од училиштата и градинките се затворени во текот на целиот ден.
Возачот на камионот бил повреден во несреќата и пренесен во болница, соопштил портпарол на противпожарната служба, пренесува Шпигел.
Надлежните служби го предупредиле населението за сериозните здравствени ризици поради истекувањето на азотната киселина, која има изразени корозивни својства.
Преку системот за итно предупредување „Nina“, до граѓаните било испратено предупредување од највисок степен на опасност, со препорака веднаш да се засолнат во затворени простории, да ги затворат прозорците и вратите и да ги исклучат вентилациските системи и клима-уредите.
Die Behörden warnen vor »extremer Gefahr«: Ein Lastwagen mit Salpetersäure ist in der Nacht auf der A57 umgekippt, die Ladung tritt aus. Es läuft ein Großeinsatz der Feuerwehr. Link in X-Bio. https://t.co/wbqGEd0EKn
— DER SPIEGEL (@derspiegel) November 6, 2026
Поради инцидентот, делумно е прекинат и железничкиот сообраќај во тој дел од покраината Северна Рајна-Вестфалија.
Во интервенцијата учествуваат околу 150 припадници на противпожарните служби, кои работат на запирање на истекувањето и преточување на киселината од камионот. Ангажирани се и специјализирани единици за интервенции при несреќи со опасни материи.
Подрачјето околу местото на несреќата е обезбедено во радиус од еден километар.
Азотната киселина е една од важните индустриски хемикалии и се користи, меѓу другото, во производството на вештачки ѓубрива и експлозиви.