СУДСКИОТ СОВЕТ ЈА СТАВИЛ НА ДНЕВЕН РЕД СУДИЈКАТА НАТАША САВОВСКА ДИМИТРОВСКА Камбовски вели дека ќе се почитуваат упатствата од Врховниот суд
Кога Советот за жалби при Врховниот суд укинува наша одлука, секако дека ги почитуваме напатствијата и постапуваме по нив со цел да донесеме правилна, законита одлука, вели претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, прашан за став откога апелациската судијка Наташа Савовска-Димитровска на прес-конференција го повика Советот при повторното постапување по одлуката за нејзино разрешување да „се издигне на нивото на задачата“.
Камбовски во изјава за медиумите пред почетокот на денешната седница на Судскиот совет рече дека Советот „секако постапува и во тој предмет и во сите што ги има“.
– Дали денеска на седница ќе се најде токму оваа точка – ќе видиме. Дневниот ред е утврден, дали денеска ќе успееме сите точки да ги поминеме или тоа ќе биде во два-три дена, не можам точно да ви кажам. Сè е во зависност од тоа како ќе се одвиваат точките што ги коментирате – изјави Камбовски.
За наводите на судијката Савовска-Димитровска дека членот на Судскиот совет, Тања Чачарова-Илиеска, сепак требало да се изземе од постапувањето, Камбовски рече дека ја нема слушнато таа изјава од колешката.
– Јас лично ниту прочитав ниту ја слушнав таа изјава од колешката. Инаку, членот на кој се алудира воопшто не учествуваше во донесувањето на одлуката затоа што не смее, тој е подносител и не може истовремено да учествува во одлучувањето – изјави Камбовски.
Судијката Наташа Савовска-Димитровска од Апелацискиот суд Скопје минатата недела излезе на прес-конференција откривајќи дека три жалбени совети при Врховниот суд или 27 судии, од кои девет врховни и 18 апелациски судии, ги усвоиле жалбите и предметот по одлуката на Судскиот совет, со која таа и уште една судијка беа разрешени поради донесувањето пресуда за случајот „Телеком“. Савовска-Димитровска на прес-конференција со нејзиниот адвокат порача оти очекува Судскиот совет при повторното постапување „да се издигне на нивото на задачата, да се изолира од центри на влијанија на моќ и да донесе законита одлука“.
Како што веќе објавивме, првосетепениот суд го одбил тужбеното барање на Фокуснет и утврдил дека нема основа за наплата на штета. Во второстепената постапка по жалба на Фокуснет, Апелациониот суд во Скопје, без одржување на јавна расправа ја преиначува првостепената пресуда непосредно пред судската ферија донел одлука дека Македонски Телеком треба да исплати штета на Фокуснет од речиси 4 милиони евра.
Македонски Телеком согласно законски расположливите средства, упатил барање до Републички судски совет поради сомневањата за незаконско водење на второстепената постапка.
Телеком обвинува дека на незаконски начин Апелациониот суд Скопје ја преиначил одлуката на првостепениот суд и на компанија со блокирани сметки повеќе од 23 години и без вработени ѝ досудил отштета од речиси 4 милиони евра.
Македонски Телеком верува дека надлежните институции ќе постапат согласно законот и дека владеењето на правото ќе биде во целост применето.
Предметот „Телеком“ е за спор стар повеќе од две децении меѓу интернет-провајдерот „Фокуснет“ од Штип и Македонски Телеком. Судскиот совет треба повторно да решава по жалбата на Телеком.