ВО ШТИП ФАЛАТ 12 СУДИИ, НА ПОМОШ ДОАЃААТ 4 ОД ДРУГИ ГРАДОВИ Само 7 од предвидените 19 места се пополнети

Основниот суд во Штип се соочува со сериозен недостиг од судии, поради што Судскиот совет одлучи привремено да упати 4 судии од Велес и од Скопје. Дополнителен проблем е што 2 од постојните судии се новоизбрани и сè уште не можат да одговорат на сите потреби на судот со проширена надлежност.

11

Само 7 од предвидените 19 судиски места во Основниот суд Штип се пополнети, а недостигот од кадар веќе го отежнува формирањето кривични совети и решавањето граѓански предмети. За да се ублажи состојбата, Судскиот совет на денешната седница одлучи во Штип привремено да бидат испратени 4 судии од Велес и од Скопје.

Координаторката за работата на Основниот суд Штип, Тања Чачарова-Илиевска, информираше дека меѓу 7 судии се вбројува и претседателот на судот.






Таа посочи дека 2 од судиите се новоизбрани и засега не можат да одговорат на сите потреби на судот со проширена надлежност.

Недостигот од судиски кадар особено се чувствува при формирањето кривични совети, но и при постапувањето по граѓанските предмети, со оглед на нивниот прилив.

Судскиот совет затоа одлучи во Штип да бидат упатени судиите Ангел Трипчев и Дејан Перчинковски од Основниот суд Велес, како и Сенида Јашар и Ирена Јаниќ од Основниот кривичен суд Скопје.

Четворицата ќе бидат времено распоредени во Основниот суд Штип за период од 1 година, почнувајќи од 16 ноември 2026 година.

Според образложението на Судскиот совет, за нивното упатување е обезбедена согласност од претседателите на матичните судови, а проценката е дека со тоа нема да се наруши нивното функционирање.

Со новите 4 судии, бројот на судии што ќе работат во Штип привремено ќе се зголеми на 11, но и понатаму ќе биде помал од предвидените 19 судиски места.

На истата, 559. седница, Судскиот совет одлучуваше и за приговор на судијката Лорета Тодорова од Основниот суд Велес, која се спротивставила на нејзиното распоредување во кривичен совет за време на продолжениот празничен викенд, од 23 до 25 октомври.

Тодорова навела дека работи во граѓанскиот оддел и дека со ваквото распоредување незаконски се менува годишниот распоред, без претходно мислење од судиите. Таа укажала и дека во истиот период е дежурна за предмети поврзани со семејно насилство.

Претседателката на Основниот суд Велес, Валентина Ѓорѓиевска, образложила дека станува збор за привремена организациска мерка, неопходна поради отсуство на судии кои вообичаено членуваат во кривичниот совет.

Во расправата, членот на Судскиот совет Ивица Николовски изразил несогласување, посочувајќи дека распоредувањето судија од граѓански во кривичен оддел отвора прашања за стручната подготвеност и за распределбата на обврските.

Сепак, Советот го одби приговорот како неоснован, прифаќајќи дека мерката е привремена и има цел да обезбеди непречено постапување по итните предмети.

На седницата беа разрешени и судии-поротници од основните судови во Кавадарци, Струмица и во Ресен, поради истекување на мандатите или исполнување на законските услови за престанок на функцијата.

Судскиот совет прифати и барање за надоместок на патни трошоци на судија на Врховниот суд за релацијата Штип – Скопје и обратно.

Поврзани содржини