Во процесот за трагедијата во Кочани им се суди и на обвинетите и на нивните бранители и на начелата на законитост на постапката!

Вербалната агресија и грубите напади врз бранителите на обвинетите веќе се прифатени како мизансцен на претставата во Идризово. Се вршат силни притисоци судницата да се претвори во „револуционерен трибунал“. Идејата е обвинетите да се „гилотинираат“ не врз основа на доказна постапка, туку врз основа на „револуционерната свест“ за потребата да се нападне „системот“.

890

Не чувствувам потреба пригодно да изразам емпатија и поддршка за жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, за однапред да ја омекнам својата критика кон луѓе кои грубо и жестоко го повредуваат правото на одбрана на обвинетите во овој случај.

Напротив, сакам отворено да кажам како стојат нештата.






Ако само брзата, одмаздничка и драконска пресуда за обвинетите во случајот „Пулс“ е вистинското мерило за правдата за трагедијата за Кочани, тогаш овој театар во судницата во Идризово треба веднаш да прекине, судењето да се распушти, обвинетите да се соберат на плоштадот во Кочани, а на родителите на жртвите да им се даде оружје в рака за да ја извршат пресудата.

Доколку таа – пресудата – веќе е донесена, нема нужда до финалниот чин да патуваме вака бавно, а попатно сите учесници во процесот, вклучувајќи ги и бранителите на обвинетите, да се изложуваат на притисоци, напади врз нивниот професионален углед и закани по нивната безбедност.

Со ништо не можат да се оправдаат постојаните прозивки на бранителите на обвинетите, кои кулминираа со грубиот напад врз адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на првообвинетиот и на третообвинетиот во овој случај. Болката на родителите на жртвите не може да биде оправдување за нивните жестоки притисоци врз бранителите на обвинетите. Ќе повторам, нападот врз адвокатката Коцевска не е прв, а реакцијата на родителите по нејзиниот апел да биде заштитена, навестува дека нема да биде ни последен.

Александар Наунов, родител на една од жртвите, упатил остра јавна реакција до адвокатката, отфрлајќи ги нејзините тврдења дека била нападната и потсетувајќи ја на, како што вели, „суровите зборови што ги изрекла во судницата“.

Кои се тие „сурови зборови“ што ги кажала адвокатката? „За вас е тој монструм, за мене е обичен човек“, рекла Коцевска за својот клиент. А што требала да каже – бранам монструм?! Наунов, во има на родителите, реплицира: „Тоа не е емпатија. Тоа е суровост“. Некои луѓе очигледно не сакаат да сфатат дека со тоа што обвинетите ќе се наречат „монструми“ или со други изрази кои имплицираат нивна неспорна вина, се крши темелното правно начело на презумпција на невиноста.

Коментирајќи ги обвинувањата дека ликот на адвокатката Коцевска бил искористен на непристоен постер, Наунов тврди дека многу луѓе можеле да се препознаат во илустрацијата, но дека единствено таа се препознала.

„Ние, семејствата, не ве спомнавме. Не ве нападнавме. Организиравме марш – тивок и достоинствен чин на луѓе кои бараат правда. Не штрајк, како што тврдите. А најмалку повик против адвокатурата“, вели Наунов.

Ајде да видиме дали тоа навистина е така. Еве ја фотографија од „достоинствениот протест“. Секој може да се увери дали бранителката на двајца осомничени навистина не била директно спомната (па се „препознала“) и дали не била нападната:

На фотографијата јасно се гледа дека учесниците на „достоинствениот протест“ носат постер со ликот на адвокатката Ивана Коцевска (го препознаваме сите, не само таа). Во рацете држи две актовки полни со пари. Зад неа е Ѓаволот и напис „Пари овде не ти се потребни“. Или можеби не е Ѓаволот, можеби и тој самиот се препознал?! Пораката упатена до бранителката на двајцата обвинети е совршено јасна и брутална – ти си поткупена, ќе одиш во Пеколот, каде што пари не ти се потребни. Имплицитно, тоа е порака и до сите бранители на сите обвинети.

Во продолжение на својата „реакција“, Наунов полемизира со тезите на одбраната и се заканува дека родителите нема да дозволеле „разводнување со спинови“. Ова го зборува претставник на родителите, кои се засегната странка во судскиот процес, а дел од нив се и сведоци. Нивната дебата во јавноста и на протести го компромитира процесот во целина.

Некој добронамерен, во кого гневните родители од Кочани имаат доверба, треба јасно и недвосмислено да ум укаже дека повредата на правото на одбрана на обвинетите, повредата на принципот „еднаквост на оружјата“ и повредата на начелото на презумпција на невиноста претставуваат законски основи за поништување на судската пресуда.

Но, јас не верувам дека постојат добронамерни луѓе чии зборови се важат меѓу родителите на жртвите. Се плашам дека тие се под силно влијание на политиканти и мешетари, кои сакаат да ја злоупотребат нивната болка за политички и за лукративни интереси. Тие ги поттикнуваат правдата да ја бараат на улица, со јавна кампања врз обвинетите, врз бранителите и врз мал дел од стручната фела којшто има смелост да каже дека сево ова не е во ред.

А нервозата и паниката кај тие што го поттикнуваат гневот на родителите и го насочуваат во насока на компромитација на судскиот процес, произлегува од еден страшен факт, за кој еднаш веќе мора јасно и гласно да се проговори.

Тврдам дека не постои чесен и одговорен правник, адвокат, обвинител и судија, кој не гледа дека обвинението за овој случај е катастрофално, безмалку од секој аспект. Тоа се темели на теорија на случај која не може правно да се докаже и на неодржливи правни квалификации. Да биде збрката комплетна, најмалку еден од осомничените е невин и според ваквите квалификации, но засега обвинителот нема смелост да го повлече обвинението против него.

Не сакам да кажам дека поради ова катастрофално обвинение треба да се протестира и да се цртаат нови постери. Но, вистинската адреса за клучниот проблем на процесот се Јавното обвинителство на РСМ и поранешниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Уште пред да биде подигнато обвинението за Кочани, пишувајќи и јавно говорејќи за нужноста од смена на Коцевски, јавно изразував сомневања дека обвинението ќе биде стокмено со намера за да се искомпромитира судскиот процес, да се засили неартикулираниот револт на родителите на жртвите и на дел од јавноста, со крајна цел Судот да биде принуден да изрече драконска осудителна пресуда под притисок на улицата, со еклатантна повреда на начелата на законитост на постапката.

И еве, точно тоа се случува сега, во моментов.

Сведоци сме на политика на линч. Се вршат силни притисоци судницата во Идризово да се претворени во „револуционерен трибунал“. Идејата е обвинетите да се „гилотинираат“ не врз основа на доказна постапка, туку врз основа на „револуционерната свест“ за потребата да се нападне „системот“. Што и да се подразбира под апстракцијата „системот“. Затоа се бара „брза, строга и неумолива правда“, а тоа е имено Робеспјеровата дефиниција за теророт.

Не сум сигурен дали во овој момент во Македонија постои критична маса луѓе спремни да го осудат воскреснувањето на концептот на револуционерна правда во судскиот процес за трагедијата во Кочани. Чувствувам дека најголем дел од бранителите на осомничените, судиите и на сите други кои се засегнати со процесот, се решени да го издржат овој притисок, бидејќи се плашат дека и тие би можеле да бидат директно изложени на гневот на родителите на жртвите, напаѓани, клеветени, навредени и испраќани во Пеколот.

Чест на исклучоците, неколку храбри луѓе кои го кренаа гласот против ваквата неконтролирана вербална агресија, која никој не се осмелува да ја спречи и која веќе е прифатена како мизансцен на претставата во Идризово.

Што се однесува до мене, јас сериозно се подготвувам во скора иднина да ги анализирам и на јавноста да ѝ ги предочам сите аргументи на бранителите. Ќе го сторам тоа, свесен дека на многу луѓе нема да им се допадне тој дискурс, но цврсто убеден дека уличната „правда“ и драконските пресуди донесени во постапка во која веќе се кршат правото на одбраната и начелото на презумпција на невиноста не можат да не доведат до вистински праведна пресуда, а со тоа и до сатисфакција за засегнатите.

Поврзани содржини