ЗНМ И ССНМ НАЈОСТРО ГИ ОСУДИЈА ЗАЧЕСТЕНИТЕ НАПАДИ НА СДСМ ВРЗ НОВИНАРИ Медиумите не смеат да бидат третирани како политички опоненти

115

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразуваат сериозна загриженост и најостра осуда на, како што велат, зачестените јавни напади, дисквалификации и етикетирања на новинари и медиуми од страна на политичката партија СДСМ. Последниот таков случај се однесува на јавното таргетирање и етикетирање на телевизијата Алфа ТВ преку партиски соопштенија и јавни изјави, што претставува директен притисок врз медиумот и неговите новинари.

„Во изминатиот период, преку соопштенија на партиски ограноци, како и преку јавни изјави на лидерот на партијата и други високи партиски функционери, се забележува континуирана практика на таргетирање на новинари и медиуми со што се создава непријателска атмосфера кон медиумските работници.






Оваа појава не може и не смее да се третира како изолиран инцидент, туку како јасна и загрижувачка тенденција која придонесува кон поткопување на слободата на изразување, медиумскиот плурализам и безбедноста на новинарите. Јавното етикетирање и дискредитирање на новинари и редакции од страна на политички субјекти носи ризик од дополнителна стигматизација и може да охрабри понатамошни притисоци и напади врз медиумските работници.

Апелираме дека политичките партии не треба на ваков начин да комуницираат со медиумите и со новинарите. Ваквиот тип на политичка реторика и конфронтација е неприфатлив кога е насочен кон медиумите. Медиумите не се и не смеат да бидат третирани како политички опоненти. Тие треба да бидат оставени слободно и без притисоци да ја извршуваат својата автономна новинарска улога, во интерес на јавноста и демократските процеси“, се наведува во реакцијата од двете здруженија.

Како еснафски организации кои ги застапуваат правата и интересите на новинарите и медиумските работници, здруженијата апелираат до политичката партија СДСМ, но и до сите останати политички субјекти, да ги почитуваат професионалните стандарди, јавниот интерес и улогата на новинарството во демократското општество и да се воздржат од реторика која придонесува кон продлабочување на недовербата и притисокот врз медиумите.

 

Поврзани содржини