ЛАЖНО ПРИЈАВИЛ ПОЛИЦАЈЦИ ЗА МАЛТРЕТИРАЊЕ Велешанец доби кривична откако камерите ја откриле вистината

Лажната пријава за наводно малтретирање била целосно демантирана со снимки од службени камери.

124

Граѓанин од Велес се соочува со кривична пријава откако лажно пријавил дека бил малтретиран од полицајци за време на сообраќајна контрола.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека Одделот за внатрешна контрола поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство Велес против П.М., поради сомнение дека сторил кривично дело лажно пријавување кривично дело.






Случајот датира од 23 септември 2025 година, кога П.М. во СВР Велес пријавил двајца полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај, тврдејќи дека бил малтретиран за време на нивното службено постапување.

Сепак, при внатрешната истрага било утврдено дека полициските службеници целото свое постапување го снимиле со службени камери. Снимките покажале дека не постои никакво малтретирање и дека наводите на пријавениот не се точни.

Од МВР посочуваат дека П.М. бил предупреден за последиците од лажно пријавување, но и покрај тоа свесно и намерно ги пријавил полицајците, иако знаел дека тие не сториле никакво кривично дело.

Со лажната пријава, како што наведуваат надлежните, тој предизвикал неоправдана интервенција на органите на прогонот и ги загрозил личните права, честа и угледот на полициските службеници.

Против П.М. ќе се води постапка за кривично дело лажно пријавување кривично дело, за кое Кривичниот законик предвидува казна.

Поврзани содржини