Политика на „меки стомаци“ – да го вратиме Волтер во Македонија
Очигледно, во Македонија премногу се накотија печурките потхранувани со политичките фекалии на социјал-демократите, за да може да изрти семето на слободниот говор во медиумите.
Кога новинарите ја повикуваат политиката на одговорност сè повеќе создаваат непријатели на моќните. Изгледа нашите политички лидери, тешко се ослободуваат од навиката да бидат цензори на слободното говорење и се обидуваат низ својата нетолерантност да ја моделираат културата што го наоружува правото против слободно изразениот став. Џорџ Вашингтон бил во прво кога ја препознал слободата на говорот како клучна за успешна демократија: „Ако слободата на говорот се одземе, тогаш немите и тивките може да бидат одведени како овци на колење“. Не секоја сака да биде „овца за колење“ на политиката во Македонија. Особено не критички настроените новинари. Гледам како новинарот Героски влезе во јавна полемика со социјал-демократско рециклираните комунисти, одбивајќи да го дезинфицира својот говор и отфрлајќи го концептот на цивилизираност како пречка за медиумска комуникација со политиката.
Изгледа Волтер не живее повеќе во Македонија. Особено не живее во политиката на социјал-демократите, кои отсекогаш знаеле како да ја релативизираат и урнисаат неговата позната максима дека: „можеби не се согласувам со она што имате да го кажете, но до смрт ќе го бранам вашето право да го кажете тоа“, како и неговата констатација дека: „правото на слободен говор е поважно од содржината на таквиот говор“. Напротив, нивниот авторитарен ДНК оди дотаму да слободниот говор што не им се допаѓа го пријават во полиција како „загрозување на сигурноста преку јавна закана“. Овие вербални напади на новинари се симптоматски за авторитарните тенденции на лидер чија визија за политиката станува сè пополаризирана и параноична. Исто така, ова е пример за тоа како правото и политичката моќ се користи да се замолчи слободниот печат и да се спречи отворена јавна дебата со политиката. Секако, постојат причини за загриженост кога одреден вид заплашување и малтретирање станува дел од нормалниот јазик на политиката во јавната полемика со новинарите. Но, кој да се секира за тоа кога тонеш – политички.
Изгледа дека во случајот на новинарот Героски вс СДСМ, неславниот вербален деликт повторно се враќа во политиката на апсурдите на рециклираните комунисти. Извиците за негова вербална инквизиција наликуваат на оние од времето на комунистичкиот тоталитаризам и веројатно будат пријатни чувства и сеќавања кај членовите на партијата, негов наследник во демократска Македонија. Вербалниот деликт како симбол од долгите децении на црвената диктатура повторно го заговараат истите оние за кои оваа држава е само протеза на Македонија пред деведесетите, во целофанска варијанта. Не дека оваа партија нема долга историја на заплашување и демонизирање на новинари кои не се хранети со нивните „фекалии“, градејќи срамна историја на гушење на слободното и информирано општество. Тоа е таа тоталитарно заробена свест на рециклираните комунисти, кои во критиките од јавноста и медиумите гледаат „напад“, наместо знак за здрава демократија. Како можат новинарите да функционираат нормално ако политиката што треба да ја гарантира нивната безбедност е предводена од лица кои ги презираат, ги демонизираат и им се закануваат, отворајќи пат за злоупотреби против медиумите што остануваат неказнети.
Независните новинари и политичарите не се природни пријатели. Тие веројатно не се предодредени да бидат пријатели. Отсекогаш било така во демократијата. Но, закани кон новинарите кои се случуваат денес се израз на политичка разгаленост и нерезистеност на арогатни политичари да се поднесе критика. Низ примерот на закани, омаловажување и оцрнување на новинарот Героски, СДСМ ги охрабрува своите поддржувачи да не им веруваат на медиумите со кои не се согласуваат, свесно поттикнувајќи анимозитет и отворено непријателство кон секој оној кој се обидува да ја оствари својата мисија за барање вистина и известување за неа. Тоа што го прави новинарот Героски во полемиката со опозиционата политичка партија всушност е одбрана на професијата која, повторно како многупати досега, останува молчалива. Никогаш не е „доста“ од одбрана на слободниот говор, или, за некои негови колеги, одбраната е „доста“ само во одреден политички контекст на кој ги научија да служат. Очигледно, во Македонија премногу се накотија печурките потхранувани со политичките фекалии на социјал-демократите, за да може да изрти семето на слободниот говор во медиумите. Секако, гледаме, има исклучоци.
За некој да не помисли дека овој напис е во одбрана на новинарот Героски. Нема потреба од тоа, научен е сам да ги води своите битки – за себе и за фелата на која припаѓа. Овој текст е само потсетување дека политичките закани за новинарството често се дел од пошироки, систематски, одржливи напори за ослабување, поткопување, па дури и демонтирање на формалните и неформалните институции на демократијата. Не сакам нашите медиуми и медиумски организации најтечно да зборуваат во тишината. Ми треба нивниот глас да се прекине со континуираните вербални напади кои ги ставаат во опасност критички настроените индивидуални новинари и слободата на печатот пошироко. Сакам Волтер да го вратам во медиумите во Македонија. Иако сигурно не промовирам провокативен јазик, верувам дека каналите за комуникација во медиумите треба да останат неограничени од товарите и ограничувањата на политичката коректност која ја посакува политиката. Сепак, политиката не е за луѓе со „меки стомаци“. Ако не можат да се носат со јавна критика најдобро за нив е да везат гоблени барем да бидат корисни во нешто, кога веќе не можат да понудат ништо корисно во политиката.
(Преземено од порталот Нетпрес)