НЕ Ѝ Е ПРВ ПАТ НА ДАНСКА ДА СЕ ПАЗАРИ СО САД ЗА ГРЕНЛАНД Во 1946 година Труман понудил 100 милиони долари

Во 1910 година, САД и Данска влегле во посериозни, но тајни разговори за можен договор што би вклучувал територијална размена - Гренланд за дел од Филипини.

2,889

Идејата САД да го купат Гренланд не е производ на современата геополитика. Таа датира уште од втората половина на 19 век, анализира Си-Ен-Ен Интернешнл.

Според историските податоци, интересот се појавува веднаш по купувањето на Аљаска во 1867 година, за 7,2 милиони американски долари, или приближно 125 милиони денешни американски долари. По оваа зделка, која своевремено била наречена “лудост”, Вашингтон почнува сериозно да размислува за проширување кон Арктикот и за зацврстување на позициите во северниот Атлантик.






Во тој период, клучна фигура бил државниот секретар Вилијам Сјуард, архитектот на договорот за Аљаска. Истите кругови во американската администрација го гледале Гренланд како логично продолжение на стратегијата за северна експанзија. Иако никогаш не била доставена формална понуда до Данска, во дипломатската и политичката елита на САД постоеле интерни анализи и разговори за можноста островот да се откупи или да се стави под американско влијание.

Овие размислувања биле поттикнати од тогашното уверување дека Арктикот ќе стане важен трговски и воен простор, но и од желбата САД да спречат европските сили да го зацврстат своето присуство во регионот. Сепак, идејата останала на ниво на концепт и не прераснала во официјална иницијатива.

Контроверзниот план од 1910 година

Следниот значаен момент доаѓа во 1910 година, кога САД и Данска влегле во посериозни, но тајни разговори за можен договор што би вклучувал територијална размена. Според историските документи, Вашингтон разгледувал опција да ѝ отстапи на Данска дел од Филипините или други територии, во замена за Гренланд и, според некои наводи, Исланд.

Овие разговори биле водени во време кога САД се појавувале како растечка светска сила, а Данска настојувала да го зачува своето влијание над прекуокеанските територии. Идејата, сепак, била дочекана со резерви и од двете страни. Данската влада стравувала од внатрешни политички реакции, додека американската страна не успеала да обезбеди поширока политичка поддршка за договорот.

На крајот, планот никогаш не бил формализиран. Но, според анализите, токму овие разговори го поставиле преседанот: Гренланд бил третиран не само како данска територија, туку и како потенцијален предмет на голема геополитичка трансакција.

САД во 1946 година добија проширено воено присуство на островот

Идејата за купување на Гренланд повторно се појавила по Втората светска војна, кога стратешката вредност на островот станала неспорна. Во 1946 година, администрацијата на претседателот Хари Труман официјално ѝ понудила на Данска 100 милиони долари во злато за Гренланд. Овојпат понудата била конкретна, директна и јасно формулирана.

Данска ја одбила понудата, но истовремено прифатила проширено американско воено присуство на островот. Така, и без формално сопствеништво, САД добиле клучна позиција во Арктикот, која ја користеле за време на Студената војна и ја задржале до денес.

Трамп го сака Гренланд – со пари или со сила

Во 21 век, прашањето повторно излезе на површина со изјавите на Доналд Трамп, кој го нарече Гренланд „апсолутна потреба“ за американската национална безбедност. За разлика од претходните периоди, реториката овојпат е јавна, директна и конфронтирачка, што предизвика силни реакции во Данска и на самиот остров.

Данската влада јасно стави до знаење дека Гренланд не е на продажба, додека гренландските власти нагласија дека иднината на островот може да ја одлучуваат само неговите жители. Прашањето за купување на Гренланд, иако историски присутно, денес е симбол на пошироката борба за влијание во Арктикот.

Гренланд, огромен остров од 836.000 квадратни милји, зафаќа стратешка геополитичка позиција, сместен помеѓу САД и Европа и се протега на таканаречениот GIUK јаз – поморски премин помеѓу Гренланд, Исланд и Велика Британија што го поврзува Арктикот со Атлантскиот Океан. Исто така, островот има богати наоѓалишта на природни ресурси, вклучувајќи нафта, гас и ретки минерали, што го прави уште поважен од стратешка гледна точка.

Поврзани содржини